Платонска омраза?
Отсекогаш ми бил интригантен моментот што во такси возилата кај нас голем број возачи ставаат верски обележја. Се разбира тоа се доминантно обележја на двете најзастапени верски заедници кај нас, чисто како опаска, значи не е нешто унилатерално. За мене верските чувства на другите се светиња, па не наоѓам ништо лошо, per se, во тоа некој да ја изиндицира својата побожност „у колима“. Сепак, некако контрастот помеѓу обележјата на таксистите и на шоферите во автобусите ми беше некако преголем за да останам индиферентен на овој детаљ од нашето секојдневие.
Влегуваш во автобус и што ќе видиш, Саманта Фокс од најбујните денови, па просто како да те повикува „Touch me, touch me“, и ти тука одма забораваш на гужви, немање места за седење и просто се топиш, каков генијален пиар, риспект. Па имаш локално-регионални варијации, со голотински настапи на легендите како што се Супер Снеки (најчесто со аутфитот од мега-хитот „Такни ме такни, полако се примакни“), Брена, Лепа Лана, Нивес, како и поновите Сека Алексич или пак патриотското деколте на Сузана Гавазова.

Наградно прашање, пронајди го фустанот
И сега си викам што е работава, како шофериве на автобуси се толку раскалашени а таксистиве побожни, кои тоа социолошко-општествени фактори влијаат врз ваквата шизма и вмроесдеесемовска поделеност кај шоферите? Дали е тоа самата големина на возилото, па камионџиите се такви незаситници, мегаломани, егоистички набилдани, а таксистите па поскромни и побожни, или нешто друго е во прашање?
И си викам, дај да испитам воа работава…
И метод на интервју, зборувам со луѓето, муабетиме, ја онака одоколу ги прашувам, благодарејќи на моиве локал-билингвални атрибути, потпрашуем, и така некако. Сега не можеш да грешиш душа, па тие искрените верници да ги трпаш во кош со другата група, ама сепак испадна дека има друга група. Не коментирам колкава е, ама тука е, hic et nunc. Таа друга група (сТрам да им е) се оние кои тоа го прават за да си ја филтрираат клиентелата, претежно на етничка основа. И си викаат они, не сакам ја ништо да кажам, поштуем различности, но сепак свое си е свое, мој личен избор. Пеки, викам, јас.
И сега вака ако гледаш низ европски рационалистички концепти, извонреден пример за толеранција, различно, едно до друго, но нема конфликтуозности, ексцеси, инциденти, фрки и слични неевропејцки феномени. И си викам, брееј, како испадна европската толерантност да биде чекор назад во однос на нашата традиционална повеќевековна парадигма на соживот. Еден до друг, различни, но сепак свесни за својата поврзаност, упатеност еден кон друг, комшиска емпатија и разбирање (само сети се или ѕирни на Youtube, на сцени од Солунски патрдии и мултиетничноста, мултиконфесионалноста и соживеачката на тие генерации). Не дека ја нема повеќе, скраја да е, но еве како што испаџа, има и своја алтернатива од европско приосходтсво. И му доаѓа како некаква инвертно-мутантна „платонска омраза“ во конкуренција со еден вид единство без братсво. Хммм…
Мислам дека на ваквата благородна традиција би требало повеќе да се истакнува во каква било промоција на локалнава култура и наследство, тоа е она што, барем досега,ја правеше земјава екстра специфична.
И ептен со две раце гласам за подршка на ставовите на Славој Жижек за лицемерноста на европската идеја за толеранција, за разлика од нашата соживеачка, тоа напросто е еден вид максима „се мразиме ама не се тепаме“.
![]()
January 5th, 2009 at 5:25 pm
фено-мено-менално!