Не окречи се Обама
Feb 22nd
Добро покрај признанието дека ја имам читано „комуњарската“ книга „Ne okreći se sine“ на мали години, што друго сака да каже насловов? Сака да му каже риспект на Обама. Искрено, кој си за служил треба да се пофали. А бидејќи уште никој не спомнал, ете ме мене да напишам нешто токму за тоа.
Може ли некој да ти направи поголема беља у држава од Џорџ Дуплове? Па тоа некое дериште да оставиш по дома нема толку да ја укака куќата, колку што Дуплове ја урниса единствената супер сила на планетава. Вака грубо кажано, за неговите осум години САД ко да проживеале едно пет-шеснаесет транзиции и приватизации по македонски урнек, така некако би му дошло.
И се најде маж (зад кој стои една жена) се номинираше, и почна да се обидува да ги реши проблемите. Да човекот се обидува, со сите свои знаења да спаси што може да се спаси и полека да ја врати земјата на нозе. Тоа е тоа, имаш беља, се нафаќаш и се обидуваш да решиш, најдобро што можеш. Јас уште не сум го видел Обама да оди по телевизии и по пресови да се жали, Буш бил оваков, Буш бил онаков, да плаче, да цимоли, да се вади на претходниците, да каже дека „он за жал не може ништо да стори“, да ги праќа обесправените во Републиканската партија и сличито.Напротив, уште немам чуено дека го спомнал самото име на неговиот претходник. Јок бе, ма ич.
Ех, да беше Обама по потекло од древна и библиска Македонија, а не од бедната Кенија, како ли ќе изгледаа неговите говори и настапи, негиовиот модус операнди во сета оваа фрка? Веројатно некако вака:
„Драги Американци, јас ја добив вашата голема подршка, но за жал морам да ви кажам дека овој Дуплове парче ја направи земјата. Јас се обидувам најдобро што можам, но целата одговорност секако е кај Дуплове кој владееше со оваа земја осум, а со сѐ татко му цели 12 години, и ја опустоши земјата. Позицијата ја доби со врски, преу татко му, тешка републиканчина, па преку манипулации и изборни нерегуларности низ селата по Флорида, каде со нечесни игри ги доби гласовите, неправедно стана прецедник. Набавките за тенковите во Ирак, зделките со Халибартон, аферите со кредитите, и така натаму, долга е низата, се негова лична одговорност. Откако неговите послушници и неговата тајфа предводена од Дик Чејни ги намести сите можни тендери, останува само да ви кажеме дека, јас за ништо не сум виновен, кога ќе немате струја по три дена дома, сетете се на Дуплове“.
Е вакво нешто еден Американец, може да слушне само на сон, кошмарен секако. А тој кошмарен сон, е нашата „реалност“, па ти види дали и како ќе се справиш со неа.
И ти си шмизла!
Jan 20th
Добро бре до кога ова жениве ќе трпат вакви псевдо-саркастични џоа-уметнички постмодернистички иронично-саркастични тортури и груби нарушувања на нивниот углед и хегеловски кажано својот Weltanschauung ?
Зарем една Роза Луксембург ќе го истрпеше ова потсмевање и кикотење на сметка на женскиот углед, чест и право на избор како да си живее? Не, другарке моја, не, Роза ќе станеше и ќе направеше шопска салата од скулптурата преднеќни истакната на скопските улици. Зарем Ибе Паликуќа ќе молчеше и ќе седеше дома додека Шмизла стои немушто во твојот град? О не, не, не, другарке драга, Ибе ќе станеше, ќе ѝ фрлеше една бомбица пеејќи ја патем „Млада партизанка“ и ќе ја спалеше шмизлата да не остане од неа ни шм.
Прво морав да ги бранам дрољите, сега шмизлите, и што е следно? Се надевам никому нема да му текне да ги закача спонзорушите, кучките и ороспиите, е тоа веќе би било отворена војна. Им викам јас, оставете ги луѓето, макар биле и жени, намира, сѐ е тоа дел од деликатниот баланс на локалната еко-култура, ако исчезне еден вид, тоа со себе, по принцип на „Butterfly effect“, ќе направи ненадоместливи штети на општественото живеење.
Мислам крајно лицемерно е (као) да се грижам за заштита на некои видови таму од типот на поларната мечка и китовите на Пацификот, кои у живот ни здраво не ми кажале, а тука да се работи за „бити или не бити“ на градските видови од женскиот кампус, а ја да молчам? Е нема! Значи мојот повик на отпор е пред сѐ со еколошки бекграунд, да не кажам заднина. Богатството на видовите треба да се очува,а градскиот шмек и сјај без шмизлите, па тоа би бил како Холивуд без Анџелина Џоли, како Цекају без Милка Планинц, како Шер и Боно, ама без Шер, е така…Па самиот термин „урбано“ без нив ќе доживее неповратни штети, и материјални и духовни. Да ги сочуваме шмизлите драго мои.
И ми вика една пријатељица, цитишем, „Ако, ако, така им треба на шмизлите, па кој ги сака нив, нека ги стават на столб на срамот“, А ја ѝ викам, „Како мојш да бииш така наивна, зар не глејш што е циљот на овије оркестрирани наапди врз жените? Па тоа ти е класична, раздели-па владеј тактика на подредување на женската популација! Ќе ве поделат и ќе ве завладеат мужите, како сакаат! Сега е мигот, за обединување, гушни-си-ја сестрата шмизла и кажете здружно едно историско НЕ на ваквите поделби и кажете повијесно ДА за вистинскиот отпор! Слободата ја има само таму каде што има спремни моми да се борат за неа, никој не ти дава слободи туку, така. Ај ој у трафика побарај кутија цигари, туку така? Нацки шо ќе ти даат!“.
Сакам да ги видам еколошките здруженија, кога на Сафка-СОЖМ не ѝ текнува да стане и повика на отпор, да се зберат и да му стават точка на ова лудило, на ова пресија и агресија врз нашите сограѓанки, од која може само штети да произлезат и ама баш ништо корисно.
Сега не знам колку ѝ е познато на поширокава ни јавност, ама самиот поим „шмизла“ води потекло од францускиот јазик и француските дворои, па како резултат на ова непромислено поставување скулптури може од францускиот братски народ ова да биде протолкувано како провокација и крадење на културното наследство, па со сѐ Караманлис да ни се накачи врз најадениот, напатениот, страдалничко угнетуван грб и оној спонзорон на Карла Бруни, и да си имаме еден фин меѓудржавен судир, па да си ги дуплираме противниците за ЕУ, Шенген, НАТО, и другите атракции од Евроатлантскиот забавен луна парк.
И стварно, мислам, со кој ум, од толку културни работи од Франција ние најдовме да им презимаме шмизли? Наместо да преземеме еден Русо, Монтењ, Молиер, Ален Делон, Сартр, Моне, Зидан и сличито, ние сме се фатиле за шмизли? Стварно сме за никаде.
Некои импликации на поимот ПЈРМ vis-a-vis БЈРМ a propos FYRoM
Jan 17th
Сведоци сме дека англискиот „Former“, со значење „претходен“ (preceding in order of time, Merriam Webster Dictionary) во официјалниот ОН-термин „Former Yugoslav Republic of Macedonia“ на македонски се приопштува на (барем) два начина: (а) бивша, (б) поранешна, но никогаш како „претходен“. Следствено, две кратенки, БЈРМ и ПЈРМ. Преводот под (а) е поброен, статистистички ориентирана попатна забелешка. Дали е тоа под влијание на српскиот, хрватскиот, словенечкиот, босанскиот, целосно унисонен превод (bivša) останува да се направи некаква социо-лингвистичка студија. Во овие јазици за англиското „former“ прва опција за превод е „бивш“, кој се наметнува како хиперним (збор кој опфаќа повеќе или надвладува за некое значење) и за двете значења (бивш и претходен). На пример види „moj bivši muž“. Сега кога некоја фина дама од овие лингвистички заедници ќе каже „moj bivši muž“, тоа може да значи или е (1) бивш (починал), или е (2) претходен (ако се премажила, значи маж пред сегашниот) или е (3) поранешен (се развела, порани бил повеќе не е, т.е. тој е жив, но таа не се премажила, затоа што нема по него друг не може да биде претходен).
Зборот „бивш-а“ е во зборообразувачка врска со зборот „бить“ (старосл. „да биде, е“) во својата изведена имперфектна (несвршена) форма „бив-“ (види на пример израз „бива“) и старосл. наставка „-сь“ („с“ + мек јор дало „ш“) која значи отсуство на она на што е налепена наставката, односно на коренската основа на зборот. Ако „бить“ значи “е’ или „постои“ тогаш значењето на зборот „бивш“ е „непостоечки“ или „она што веќе не е“. Зборот „поранешна“ е придавка изведена од временскиот прилог „порано“ со јасно значење, нешто што било или се случило во претходен временски исечок. Разликата е навидум мала, но изворното значење на „бивш“ и „поранешен“ е огромна. Едното е во семантичко поле на „непостоење“, а другото на „поранешен“ како временско лоцирање на одреден ентитет на временска оска („претходен“ е лоцирање на просторна линеарна оска). Мој впечаток е дека некако махинално и несвесно доминира преводот „бивша“, иако тој во контекст на македонскиот семантички систем е крајно погрешен
Затоа кога ќе се каже БЈРМ, тоа ти е како да кажеш непостоечка република, или непостоечка Македонија (не дај Боже мртва), додека Поранешна република му доаѓа некако како Разведена република која уште не се премажила (не се знае што е, затоа што по периодот на југословенска република не се потврдила како нешто друго).
Сума сумарум препоракава по овој наречи-го лингвистички рендгенски преглед е да се користи ПЈРМ како кратенка од најправилното „Претходна (претходно) југословенска република Македонија“. Сѐ друго му доаѓа како некаква инкантација на исчезнување или зомбифицирање на неодредениот статус на оваа убава земја, со надеж дека оваа бесмилсица од кратенка што поскоро ќе стане бивша, во најморбидната смисла.
Филогенеза на сељаштвото во Македонија во периодот 1874-2005
Dec 26th
Чест дел од нашите градски муабети е сељаштвото. Нашата фасцинација и фрустрација, о која контрадикција, од сѐприсутноста на ниската култура или поточно некултурата во нашава средина е едно од најендемичните чувства кој еден примерен сограѓанин може да ги доживее во Македонија.
Сите се расфрламе и често сме ангажирани со констатирање и верификација на феноменот сељаштво, па еве само последнава недела јас лично констатирав околу 50-тина случаи на пројави на разноразни типови и поттипови на сељаштвото. Верувам дека повеќето од нас, зависно од денот и степенот на активност, како и интензитет на движење, се горе-долу на иста линија по бројот на блиски средби со овој урбан феномен. Сељакот нема потреба од некоја строга научна дефиниција, него или неа интуитивно ги препознаваш и доживуваш.
Кои се корените на сељаштвото во МК?
Постојат две главни генеолошки јадра на овој феномен кај нас: едната е миграцијата село-град, другата е процес на затупување во урбана средина, или т.н. автогенеза на сељаштвото.
Во првиот случај имаме ситуација на колизија на обичаите и вредносниот систем од една средина во друга. Се работи за процес на не-адаптација на видовите, вака Дарвинистички кажано. Во другиот имаш самовиреење на овој феномен, или автентична некултура изникната на градска почва. Бројни се факторите во овој процес на автогенерирање на сељачката некултура, а како главни фактори можат да се наведат: генетика, медиуми, комшилок, семејни компликации, и слично.
Она што е специфично и за двата поттипа секако е дефицитот од социјална интелигенција. Тоа е нешто како разбирање на другиот и човечка способност да го видиш светот и од поинаква перспектива од твојата лична, и секако да се грижиш во одредена конвенционална смисла за другите околу себе. Е тоа е ти е НЗС на сељаштвто, кој веројатно само со засилен увоз може да се регулира. Вака останува кризата со дотур на социјална интелигенција во домашни услови да се регулира што поскоро, инаку дебалансот може да предизвика вистинска експанзија на сељачките вредности.
Во историско-дијахрониска смисла се смета дека една од првите пројави на сељаштвото на овие простори е ликот на Црна Арапина. Тој ти е една од вертикалите на сељаштвото на овие простори од кои јас се фасцинирав утше во основно одделение. Кутриот Крали Марко од него немаше мира, толку сељаков Арапина аздисуеше што мораше Марчи само со топанот да го смирува. Денес тоа не е возможно, баш штета.
Мора да се признае дека сељаштвото е како пиреј, можеш да го корнеш, да го газиш, ама некако успева да преживее и да опстои како некултура. Затоа е мошне важно, ако сакаш да го разбереш и разградиш од внатре, пред сѐ да го запознаеш сељакот во себе, и потоа, збогатен со оваа будистичка методика да тргнеш по долгиот пат на борба со оваа појава.

Општа балканизација на ЕУ
Dec 19th
Она што им се случува на Хрватите визави Словенците а пропо ЕУ
е еден од појасните лакумсовски индикатори дека и Словенците се Балканци, нема друго. Како и Грците впрочем. Да му цркне козата на комшијата, или ќе попушти како јас сакам или нека цркне од мака.
Не, нема тука европски манири, „бујрум влезете, па ќе се договориме, луѓе сме“. О не, попушти инаку ти ја сокршив кичмата, тоа е модус операнди на тазе членките на ЕУ кога треба да влезат оние што троа задоцниле со транзицијата.И сега ми е криво што доцниме, не затоа што не сме во ЕУ, туку што ќе си имаме работа со соседиве. Ај кога не испљачкосаа низ транзицијава, барем тоа да го направија брзо и ефикасно. Но не, не, морало тоа полека да се пљачка, со лезет, на тенане. И сега оди расправај се ти со комшииве.
И сега ова ти е буквално типична балканска работа: се развива ноторниот балкански инает во самите ЕУ инситуции (по принципот, change the system from within) , а европските вредности се маргинализираат. Па ќе имаш потоа цикличен процес, и оние кои одвај влегле со вакви сопки, утре кога ќе треба да „одобруваат“ за нови членки ќе си речат: „Е да бе туку така сакате да влезете, чекај чекај да видиме што би можеле вие да ни попуштите и што не нервира кај вас?“. Осеќам дека ќе мора на хрвативе да им потпишеме дека не смееме никогаш повеќе да ги тепаме во ракомет.
И така, и се мислам кого ние утре ќе може вака „легитимно“ да уценуваме за влез во ЕУ? Можеби листата не е долга, ама сепак од принципиелна гледна точка, одговорните треба на време да подготват „Стратегија за блокирање на нови членки во ЕУ и НАТО“. Да, ете така, да не бидеме ние ко паднати од Марс, треба да се мисли на време. Море и една агенција за блокирање, нема да биде лошо.

Трибунарство
Dec 13th
Јавниот живот ти е како еден вид театар, сите зборуваме на исти теми, сите имаме став, се одвива некава комуникација, но грото од таа комуникација е индиректна, симболичка, метафоричка. завиткана, терминологизирана, академизирана и слично. Ретко да налеташ на едноставни, јасни и недвосмислени пораки. Ептен ретко.
Една од пораките кои некој паметен (ако не сакаат одговорните) е да се каже дека во Македонија нема новинарство. Едноставно нема (подвлечено со жолто).
О да, знам јас дека е глупаво да се генерализира, но ако седиш дома и немаш вода, сосема е логички коректно да кажеш дека „нема водоводна служба“. Знаеме дека си има таму некои поединци и исклучоци, но прибидејчи ние граѓаните немаме „вода“, тоа е заклучокот, па ве молам да го уважите ова.
Живеејќи во илузија дека имаме новинарство го превидуваме фактот дека „актаните“-новинари (термин на А.Ж. Греимас) само ја одржуваат илузијата дека такво нешто постои . Стануваш некаков вид на „чавка“ која страшилото кое ја чува пченката го доживуваш како „жив створ“.
Вистинскиот термин кој треба да се употребува за оние кои се декларираат како новинари е „гласници“ или „трибуни“ на оние кои ги застапуваат (директно или индиректно, почесто индриректно). Трибуни сме имале од дамнини, се е тоа океј, ништо ново. Знаеме дека и они се душички кои мора да си ги хранат семејствата, но она што не е океј е театарот дека оние што доаѓаат во „наше село“ и викаат „чујте и почујте“ се „професионалци кои се грижат за нас и ни даваат информации без кои не можеме да живееме“.
Е тоа веќе ептен не е океј, гивасабрејк, не ни ја вреџајте интелигенцијата, плиз. Селската јавност од 15, 16, 17-ти век е „колективно поинтелигентна“ од нас затоа што знае дека гласникот работи за Царо и не живее во илузија дека тој е некаковски општонароден душегрижник. Доаѓа, ги кажува пораките од Царо и си оди, фер инаф.
И сега јас треба (а) да му верувам дека он нешто за мое добро е тука во селово и плус (б) да му платам?1? А бе ајде, крши глава таму од кај што си дошол…

Recent Comments