Uncategorized

Да се исфрли „Волшебното самарче“ од книжарници, плиз

Доста генерации, me inclusive, израснаа со книгата на Ванчо Николески, „Волшебното самарче“, каде  Игор Џандар збира Џамбазов, ја игра улогата на луцидното Трајче дрварче кое носи разни пратки запартизаните преку непријателските редови.

Не сакам да ја оспорувам партизанската антифашистичка кауза, но низ призма на новите европски вредности  на кои лека-полека мора да се навикнеме, книгата е крајно контроверзна, и за нас постариве, а да не зборуваме за дечиња во образовен процес.

Како зошто, па барем од две причини: (а) поттикнува злоупотреба на деца за политички цели, (б) промовира шверцерски активности, и тоа од страна на деца…Мислам дека ова е сосем доволно Филип Петровски да преземе нешто и да ја тргне оваа книга од библиотекарските полици.

Фала на внимание.

Кум во МВР

Гледам ова Ивце Пивце шоуто за деца и си размишљам…Само во Македонија, лик со име Пивце може да прави емисии за деца. Веројатно се работи за платен човек на пивската индустрија, гарант…Но, нејсе, друг ми беше муабетот: да бев сега копук и да ме прашаше Ивце Пивце што сакам да бидам кога ќе пораснам, сигурно ќе му кажев: „Кум во МВР!“. Подобра работа од кум во МВР, здравје.

Ако ве збунува оваа функција, накусо да се објаснам: тоа е човек, или тим, во МВР кој е задолжен за смислување имиња на полициските акции. Веројатно, они ќе ви из-негираат дека тие и постојат, но верувајте, за ваква сериозна работа мора да има цел тим кој стои зад тоа. Бумеранг, Змиско око, Босфор…сѐ е тоа резултат на нечиј макотрпен труд.

Замисли си работен ден. Седиш во канцеларија и ти влегува типац од специјална единица не знам за што:

-Добар ден, добар ден…Јас еве дојдов по име за полициска операција – ти вели тој.

-А убаво, убаво, само нека има работа…го пополнивте формуларот со основните податоци?

-Да, да, еве тука е сѐ – ти покажува тој подавајќи го формуларот – Добро, дојдете во текот на неделава, ќе биде готово.

И ти сега гледаш вака: целна група: дилери, зона: Макеоднија-Србија, соработка со српска полиција…Аха, си велиш, „дрога, Скопје, Србија, Европа, хероин…“, а на радио Роса, ти мава Аца Лукас…и ти доаѓа одма името на акцијата: „Бел град“. И така потполнуваш, удираш печат и си викаш: „Следечи!“. Мерак работа, тотал.

Бизаро Македонија

Дали верувате на предизборните ветувања? Јас не, но што со тоа ако не веруваш? Со тоа не ја загрозуваш виталноста на илузиите кои ги предизвикуваат тие.

Предизборните ветувања и слогани сепак се извонредна можност да ја изтестираш реалноста како што ја перципираат центрите на политичка моќ, само што треба со мали интервенции и реторички маневри да ги декодираш пораките и да ја разоткриеш реалноста во своја разголена форма, без навлаките на утопијата и дефокусирањето. Ветувањата и слоганите се секогаш (освен кога се „констативни“, како оној на Обама „Change“) фокусирани на Отсутното, на она што недостасува, она што се посакува, а е Недофатливо. Функцијата на слоганот е со својата инкантација да создаде привид дека Недофатливоста на ветувањата е надминлива, тоа е вербално-реторички пандан на фатаморганата, чувството дека оазата е досеглива среде пустината на нашите животи.

Значи, ги земаш предизборните слогани, ги антонимизираш, т.е. ги рокаш во нивната спротивност, и така ја добиваш каде-каде пореалната слика за твојата земја. Ако се изкоњугира оваа тест-методика, тогаш нашата земја вака изгледа (колку е тоа блиску до вистината, проценете сами):

Македонија е земја во која: никој ништо не прави заедно, луѓето се поделени, сите живеат под мотото „сите за еден“ т.е. за себе, земјата е неинтегрирана/поделена и необезбедена, во земјата никој не го држи зборот за она што го кажал и ветил, Аеродром, Битола, и ред други општини не заслужуваат ништо подобро, за себе и партијата, а не за Скопје (или кој друг и да е град), разделени во (борба за) личните интереси, стара скопска приказна, против достоинството на Охрид….и така натаму ,во недоглед. Значи формулата е јасна, земи слоган или ветување, сврти го на обратното и ќе дознаеш како било, како е и како ќе биде.

Е овие атрибути ти се гарантирани како реални, а дали ќе бидат трансформирани во своите слоганистички варијанти останува крајно неизвесно. Праксата покажува најчесто, а некогаш и исклучиво, не.

Сѐ како во оригиналниот Бизаро свет.

Премногу слобода го заробува човекот

Времето во кое живееме секако е искушително, колку и да рекламите, политичарите и медиумите нѐ убедуваат во спротивното и нѐ наведуваат да се веселиме заради тоа како забрзано се одвива прогресот на човештвото. Плурализацијата и збогатувањето на главните општествени категории (материјални потрошни добра, политички опции, интелектуални ориентации, модалитети на задоволување и самозадоволување и слично) и насекаде масовно воспеваното право на избор на секоја индивидуа, за жал имаат своја сива (или темна?) страна.

Се случуваат парадокси, па луѓето кои се теориски најслободни воедно се и најмалку задоволни од својата слобода, како што е тоа убаво поедноставено кажано во овој дијалог од шоуто на Конан О’Браен:

За што станува збор?

Владејачката либерал-демократија на инфо-капиталистичка основа почива на следната низа логички поврзани претпоставки: (А) човекот може да биде среќен само ако е слободен, (Б) што повеќе човекот има право на избор тоа значи дека тој е послободен, (В) Што повеќе е слободен, тоа полесно ќе успее да се (само)реализира и да си ги оствари приоритетите.

За жал патот кон благосостојбата не е така лесен. Парадоксот презентиран погоре е прилично елегантно објаснет во следново предавање на Бери Шварц (Barry Schwartz). Видеото е само-објасниво и на прилично ок разбирливо ниво, но само како хајлајт поентата дека „премногу избор и слобода наместо да го ослободат човекот, го парализираат, а посакуваното задоволство од понудените избори се обезвреднува и колабира заради масовната психологија на високи очекувања од големиот избор кој го имаме за сите нешта во животот, вклучително и личниот идентитет“. Но да не должам:

Не окречи се Обама

Добро покрај признанието дека ја имам читано „комуњарската“ книга „Ne okreći se sine“ на мали години, што друго сака да каже насловов? Сака да му каже риспект на Обама. Искрено, кој си за служил треба да се пофали. А бидејќи уште никој не спомнал, ете ме мене да напишам нешто токму за тоа.

Може ли некој да ти направи поголема беља у држава од Џорџ Дуплове? Па тоа некое дериште да оставиш по дома нема толку да ја укака куќата, колку што Дуплове ја урниса единствената супер сила на планетава. Вака грубо кажано, за неговите осум години САД ко да проживеале едно пет-шеснаесет транзиции и приватизации по македонски урнек, така некако би му дошло.

И се најде маж (зад кој стои една жена) се номинираше, и почна да се обидува да ги реши проблемите. Да човекот се обидува, со сите свои знаења да спаси што може да се спаси и полека да ја врати земјата на нозе. Тоа е тоа, имаш беља, се нафаќаш и се обидуваш да решиш, најдобро што можеш. Јас уште не сум го видел Обама да оди по телевизии и по пресови да се жали, Буш бил оваков, Буш бил онаков, да плаче, да цимоли, да се вади на претходниците, да каже дека „он за жал не може ништо да стори“, да ги праќа обесправените во Републиканската партија и сличито.Напротив, уште немам чуено дека го спомнал самото име на неговиот претходник. Јок бе, ма ич.

Ех, да беше Обама по потекло од древна и библиска Македонија, а не од бедната Кенија, како ли ќе изгледаа неговите говори и настапи, негиовиот модус операнди во сета оваа фрка? Веројатно некако вака:

„Драги Американци, јас ја добив вашата голема подршка, но за жал морам да ви кажам дека овој Дуплове парче ја направи земјата. Јас се обидувам најдобро што можам, но целата одговорност секако е кај Дуплове кој владееше со оваа земја осум, а со сѐ татко му цели 12 години, и ја опустоши земјата. Позицијата ја доби со врски, преу татко му, тешка републиканчина, па преку манипулации и изборни нерегуларности низ селата по Флорида, каде со нечесни игри ги доби гласовите, неправедно стана прецедник. Набавките за тенковите во Ирак, зделките со Халибартон, аферите со кредитите, и така натаму, долга е низата, се негова лична одговорност. Откако неговите послушници и неговата тајфа предводена од Дик Чејни ги намести сите можни тендери, останува само да ви кажеме дека, јас за ништо не сум виновен, кога ќе немате струја по три дена дома, сетете се на Дуплове“.

Е вакво нешто еден Американец, може да слушне само на сон, кошмарен секако. А тој кошмарен сон, е нашата „реалност“, па ти види дали и како ќе се справиш со неа.

И ти си шмизла!

Добро бре до кога ова жениве ќе трпат вакви псевдо-саркастични џоа-уметнички постмодернистички иронично-саркастични тортури и груби нарушувања на нивниот углед и хегеловски кажано својот Weltanschauung ?

Зарем една Роза Луксембург ќе го истрпеше ова потсмевање и кикотење на сметка на женскиот углед, чест и право на избор како да си живее? Не, другарке моја, не, Роза ќе станеше и ќе направеше шопска салата од скулптурата преднеќни истакната на скопските улици. Зарем Ибе Паликуќа ќе молчеше и ќе седеше дома додека Шмизла стои немушто во твојот град? О не, не, не, другарке драга, Ибе ќе станеше, ќе ѝ фрлеше една бомбица пеејќи ја патем „Млада партизанка“ и ќе ја спалеше шмизлата да не остане од неа ни шм.

Прво морав да ги бранам дрољите, сега шмизлите, и што е следно? Се надевам никому нема да му текне да ги закача спонзорушите, кучките и ороспиите, е тоа веќе би било отворена војна. Им викам јас, оставете ги луѓето, макар биле и жени, намира, сѐ е тоа дел од деликатниот баланс на локалната еко-култура, ако исчезне еден вид, тоа со себе, по принцип на „Butterfly effect“, ќе направи ненадоместливи штети на општественото живеење.

Мислам крајно лицемерно е (као) да се грижам за заштита на некои видови таму од типот на поларната мечка и китовите на Пацификот, кои у живот ни здраво не ми кажале, а тука да се работи за „бити или не бити“ на градските видови од женскиот кампус, а ја да молчам? Е нема! Значи мојот повик на отпор е пред сѐ со еколошки бекграунд, да не кажам заднина. Богатството на видовите треба да се очува,а градскиот шмек и сјај без шмизлите, па тоа би бил како Холивуд без Анџелина Џоли, како Цекају без Милка Планинц, како Шер и Боно, ама без Шер, е така…Па самиот термин „урбано“ без нив ќе доживее неповратни штети, и материјални и духовни. Да ги сочуваме шмизлите драго мои.

И ми вика една пријатељица, цитишем, „Ако, ако, така им треба на шмизлите, па кој ги сака нив, нека ги стават на столб на срамот“, А ја ѝ викам, „Како мојш да бииш така наивна, зар не глејш што е циљот на овије оркестрирани наапди врз жените? Па тоа ти е класична, раздели-па владеј тактика на подредување на женската популација! Ќе ве поделат и ќе ве завладеат мужите, како сакаат! Сега е мигот, за обединување, гушни-си-ја сестрата шмизла и кажете здружно едно историско НЕ на ваквите поделби и кажете повијесно ДА за вистинскиот отпор! Слободата ја има само таму каде што има спремни моми да се борат за неа, никој не ти дава слободи туку, така. Ај ој у трафика побарај кутија цигари, туку така? Нацки шо ќе ти даат!“.

Сакам да ги видам еколошките здруженија, кога на Сафка-СОЖМ не ѝ текнува да стане и повика на отпор, да се зберат и да му стават точка на ова лудило, на ова пресија и агресија врз нашите сограѓанки, од која може само штети да произлезат и ама баш ништо корисно.

Сега не знам колку ѝ е познато на поширокава ни јавност, ама самиот поим „шмизла“ води потекло од францускиот јазик и француските дворои, па како резултат на ова непромислено поставување скулптури може од францускиот братски народ ова да биде протолкувано како провокација и крадење на културното наследство, па со сѐ Караманлис да ни се накачи врз најадениот, напатениот, страдалничко угнетуван грб и оној спонзорон на Карла Бруни, и да си имаме еден фин меѓудржавен судир, па да си ги дуплираме противниците за ЕУ, Шенген, НАТО, и другите атракции од Евроатлантскиот забавен луна парк.

И стварно, мислам, со кој ум, од толку културни работи од Франција ние најдовме да им презимаме  шмизли? Наместо да преземеме еден Русо, Монтењ, Молиер, Ален Делон, Сартр, Моне, Зидан и сличито, ние сме се фатиле за шмизли? Стварно сме за никаде.