Uncategorized

Зошто Фејсбук и КПЈ се исти?

Facebook – social networking  КПЈ – socialist networking

Ако не си зачленет на Фејсбук, никој си и ништо. Ако не си зачленет во КПЈ, никој си и ништо.

На Фејсбук сите ти се другари и другарки, иако не ги познаваш пола од нив. Во КПЈ сите ти се другари и другарки, иако не ги познаваш пола од нив.

На Фејзбук подржуваш акции и разни каузи, а не мораш да мрднеш со малото прсте. Во  КПЈ членуваш во милион комисии, одбори и собранија, а не мораш да мрднеш со малото прсте.

На Фејзбук имаш Фармвил, во КПЈ имаш задруги и аграрна реформа.

На Фејзбук имаш „Like“, во КПЈ имаш „Живео друг….!!!“ или „Живела другарица…!!!“

Facebook – често ти ја нарушува приватноста, КПЈ – често ти ја нарушува приватноста.

Квалификации за ЕУ, група број 5

Од кога знам за себе нашата фудбалска репрезентација е во група број 4 (немам ни податоци ни сеќавања за првата генерација на Панчев, Најдоски, Станојковиќ, за нив не сум баш сигурен), ние бевме и останавме чевтрта група кога играат топчињата во ждрепките за квалификациони групиз а европски и светски првенства. Врти-сучи, Џиџи-Миџи, Ѓоко-Моко, Катанец, др-дрн…пак група број 4. Тоа е ти е. Судба, вака или онака 4-че.

Некому ова му е ок, некому знак за стагнација, или дури и пропаѓање, но барем си знаеш каде си, 4 па 4.

Е за разлика од фудбалерите, нашава убава и горда земја има далеку пожална судба.

Прво бевме во втора квалификациона група заедно со Словенија, а зад фаворитите од Балтичките земји,  но далеку пред Романија и Бугарија.

Потоа паднавме во трета квалификациона група, заедно со Хрватска.

Потоа паднавме во 4-та квалификациона група со Албанија, Србија и Црна Гора, каде вака-онака се уште и сме, барем уште некој ден.

Како оди работава, лизгањево, виза-ви ЕУ, ни иди накај група 5, каде изгле’а ќе разигруваме со БиХ и Косово.

Не дека некој одговорен бивш или сегашен функционер ќе го зачеша нешто, ама сепак да се каже очигледното, да не испадне вени-види-ќути.

Да се исфрли „Волшебното самарче“ од книжарници, плиз

Доста генерации, me inclusive, израснаа со книгата на Ванчо Николески, „Волшебното самарче“, каде  Игор Џандар збира Џамбазов, ја игра улогата на луцидното Трајче дрварче кое носи разни пратки запартизаните преку непријателските редови.

Не сакам да ја оспорувам партизанската антифашистичка кауза, но низ призма на новите европски вредности  на кои лека-полека мора да се навикнеме, книгата е крајно контроверзна, и за нас постариве, а да не зборуваме за дечиња во образовен процес.

Како зошто, па барем од две причини: (а) поттикнува злоупотреба на деца за политички цели, (б) промовира шверцерски активности, и тоа од страна на деца…Мислам дека ова е сосем доволно Филип Петровски да преземе нешто и да ја тргне оваа книга од библиотекарските полици.

Фала на внимание.

Кум во МВР

Гледам ова Ивце Пивце шоуто за деца и си размишљам…Само во Македонија, лик со име Пивце може да прави емисии за деца. Веројатно се работи за платен човек на пивската индустрија, гарант…Но, нејсе, друг ми беше муабетот: да бев сега копук и да ме прашаше Ивце Пивце што сакам да бидам кога ќе пораснам, сигурно ќе му кажев: „Кум во МВР!“. Подобра работа од кум во МВР, здравје.

Ако ве збунува оваа функција, накусо да се објаснам: тоа е човек, или тим, во МВР кој е задолжен за смислување имиња на полициските акции. Веројатно, они ќе ви из-негираат дека тие и постојат, но верувајте, за ваква сериозна работа мора да има цел тим кој стои зад тоа. Бумеранг, Змиско око, Босфор…сѐ е тоа резултат на нечиј макотрпен труд.

Замисли си работен ден. Седиш во канцеларија и ти влегува типац од специјална единица не знам за што:

-Добар ден, добар ден…Јас еве дојдов по име за полициска операција – ти вели тој.

-А убаво, убаво, само нека има работа…го пополнивте формуларот со основните податоци?

-Да, да, еве тука е сѐ – ти покажува тој подавајќи го формуларот – Добро, дојдете во текот на неделава, ќе биде готово.

И ти сега гледаш вака: целна група: дилери, зона: Макеоднија-Србија, соработка со српска полиција…Аха, си велиш, „дрога, Скопје, Србија, Европа, хероин…“, а на радио Роса, ти мава Аца Лукас…и ти доаѓа одма името на акцијата: „Бел град“. И така потполнуваш, удираш печат и си викаш: „Следечи!“. Мерак работа, тотал.

Бизаро Македонија

Дали верувате на предизборните ветувања? Јас не, но што со тоа ако не веруваш? Со тоа не ја загрозуваш виталноста на илузиите кои ги предизвикуваат тие.

Предизборните ветувања и слогани сепак се извонредна можност да ја изтестираш реалноста како што ја перципираат центрите на политичка моќ, само што треба со мали интервенции и реторички маневри да ги декодираш пораките и да ја разоткриеш реалноста во своја разголена форма, без навлаките на утопијата и дефокусирањето. Ветувањата и слоганите се секогаш (освен кога се „констативни“, како оној на Обама „Change“) фокусирани на Отсутното, на она што недостасува, она што се посакува, а е Недофатливо. Функцијата на слоганот е со својата инкантација да создаде привид дека Недофатливоста на ветувањата е надминлива, тоа е вербално-реторички пандан на фатаморганата, чувството дека оазата е досеглива среде пустината на нашите животи.

Значи, ги земаш предизборните слогани, ги антонимизираш, т.е. ги рокаш во нивната спротивност, и така ја добиваш каде-каде пореалната слика за твојата земја. Ако се изкоњугира оваа тест-методика, тогаш нашата земја вака изгледа (колку е тоа блиску до вистината, проценете сами):

Македонија е земја во која: никој ништо не прави заедно, луѓето се поделени, сите живеат под мотото „сите за еден“ т.е. за себе, земјата е неинтегрирана/поделена и необезбедена, во земјата никој не го држи зборот за она што го кажал и ветил, Аеродром, Битола, и ред други општини не заслужуваат ништо подобро, за себе и партијата, а не за Скопје (или кој друг и да е град), разделени во (борба за) личните интереси, стара скопска приказна, против достоинството на Охрид….и така натаму ,во недоглед. Значи формулата е јасна, земи слоган или ветување, сврти го на обратното и ќе дознаеш како било, како е и како ќе биде.

Е овие атрибути ти се гарантирани како реални, а дали ќе бидат трансформирани во своите слоганистички варијанти останува крајно неизвесно. Праксата покажува најчесто, а некогаш и исклучиво, не.

Сѐ како во оригиналниот Бизаро свет.

Премногу слобода го заробува човекот

Времето во кое живееме секако е искушително, колку и да рекламите, политичарите и медиумите нѐ убедуваат во спротивното и нѐ наведуваат да се веселиме заради тоа како забрзано се одвива прогресот на човештвото. Плурализацијата и збогатувањето на главните општествени категории (материјални потрошни добра, политички опции, интелектуални ориентации, модалитети на задоволување и самозадоволување и слично) и насекаде масовно воспеваното право на избор на секоја индивидуа, за жал имаат своја сива (или темна?) страна.

Се случуваат парадокси, па луѓето кои се теориски најслободни воедно се и најмалку задоволни од својата слобода, како што е тоа убаво поедноставено кажано во овој дијалог од шоуто на Конан О’Браен:

За што станува збор?

Владејачката либерал-демократија на инфо-капиталистичка основа почива на следната низа логички поврзани претпоставки: (А) човекот може да биде среќен само ако е слободен, (Б) што повеќе човекот има право на избор тоа значи дека тој е послободен, (В) Што повеќе е слободен, тоа полесно ќе успее да се (само)реализира и да си ги оствари приоритетите.

За жал патот кон благосостојбата не е така лесен. Парадоксот презентиран погоре е прилично елегантно објаснет во следново предавање на Бери Шварц (Barry Schwartz). Видеото е само-објасниво и на прилично ок разбирливо ниво, но само како хајлајт поентата дека „премногу избор и слобода наместо да го ослободат човекот, го парализираат, а посакуваното задоволство од понудените избори се обезвреднува и колабира заради масовната психологија на високи очекувања од големиот избор кој го имаме за сите нешта во животот, вклучително и личниот идентитет“. Но да не должам: