По долг период истражувања и ископувања група археолози од Македонија успеа во реонот на Скопје да пронајде вреден археолошки локалитет. Се работи за наоѓалиште за кое се претпоставува дека во подалечното минато било фабрика. Фабриките биле значаен сегмент од материјалната и духовната традиција на овдешните култури, додека денес тие се сметаат за наполно исчезнати.
Вредните археолози тврдат дека успеале да лоцираат неколку предмети, фигурини и друга орнаментика кои потврдуваат дека во рамките на оваа фабрика имало менза, стражарница, па дури гаража и разни игралишта на кои се рекреирале работниците во овие древни локалитети. Ова само ни потврдува колку цивилизациски биле развиени овие култури и колку нивното секојдневно живеење било високо организирано.
Значајноста на ова наоѓалиште и артефактите, кои археолозите тврдат дека ги пронашле, по своето значење можат да се споредат дури и со неолитските наоѓалишта на просторите на Македонија.
Експертите препорачуваат овие наоѓалишта по целосното нивно стручно обработување и заштита да бидат отворени за посета од страна на туристите, како домашните, така и странските кои би можеле да посетат едно вака раритетно историско место, т.е. фабрика на македонска почва.


