Archive for February, 2012

Подемот на демократските фирми

In order to become the master,
the politician poses as the servant.
Charles de Gaulle

 

На неколку места во своите книги и интервјуа една од интелектуалните величини на нашата ера Ноам Чомски споменува дека една од најголемите заблуди на нашето време е дека капитализмот и демократијата се природни партнери. Не само што не се тоа во некоја задоволителна смисла, туку во многу нешта се сосема спротивни: демократијата цели кон задолволување на интересите на мнозинството, капитализмот го интересира само поединецот и неговиот личен профит, демократијата ја велича толеранцијата и соживотот, капитализмот себичноста и престижот. Во многу нешта капитализмот и демократијата се или сопоставени или целосно спротивставени.

Но, на Запад овој во суштина труизам, многу вешто се крие, и не е лесно да се раскринка заради силното влијание на медиумите и на политичките односи со јавноста. Кај нив, во поголем или помал степен, успева да се одржи каква таква „идеологија на демократизмот“, особено во САД и во т.н. „Стара Европа“, која почива на слободата на говор, правата на поединецот, политичките и врески слободи, и така натаму.
„Новите демократии“ произлезени од бившите социјалистички земји и делумно од азискиот свет, потешко успеваат да ја маскираат оваа подвоеност. Она што во почеток е срамежливо угледување и прелевање на двата пола, станува сé појасно дека прераснува во целосна доминација на капиталистичкиот елемент во овој „двоец“. Од една страна ним им е многу потешко да ја оживотворат во целост „идеологијата на демократизмот“ во средини и култури каде за нив нема позначајна традиција и вкоренети навики и вредносен систем. Од друга страна, економијата која е далеку од западните стандарди не успева да ги прикрие суровите капиталистички реалности од типот акумулација на капитал, тајкунизација, криминализација и корупција.
По иницијалните фази на „демократска еуфорија“ во која овие земји го глорифицираат правото на глас, плурализмот во политичкиот и медиумскиот живот, граѓанските слободи и слично, постапно се развива силен скептицизам и сомничавост кон начелата на демократијата и дали тие воопшто можат пристојно да заживеат во овие земји. Во ваков контекст носителите на политичките активности и самите партии во суштина стануваат целосно идеолошки соголени, а нивниот развој води кон една единствена можна инстанца: тие од политички партии преминуваат во фирми, односно компании.

Таква е состојбата и во Македонија: сеопшта симулација на идеологии од либерален, левичарски и десничарски тип, и целосна конфузија кој што прави и каде припаѓа. Целосна подреденост на политичкото кон економското, како во методите, така и во вистинските цели. Трендот на прифаќање на економските методи во политиката се пројавува поинтензивно во 90-те години од XX-от век во Британија, а Тони Блер се смета за еден од првите западни политичари кои ја довел до совршенство „политиката како бизнис“ (препорачувам делата на Adam Curtis, особено четвртиот дел од документарецот The Century of the Self – Eight People Sipping Wine in Kettering ).
Покрај лесно проѕирната идеолошката симулација, многу други нешта ја потврдуваат интерната логика на политичкиот систем кој функционира речиси целосно по економски закони и корпоративната логика, особено оние во власта кои преку инструментите на државата многу полесно можат да ги изведуваат сите овие активности:

 

-Партиите како завод за вработување: Партиите фунционираат како фирми чија примарна цел е вработувањето на оние кои ги одржуваат и подржуваат. Де факто, партиите функционираат како бироа за вработување. Единствената мотивација на политичкото ангажирање, од локално, до највисоко централно ниво, станува и останува „корпорацискиот интерес“ за искачување по скалилата на моќ и лично богатство.

-Пиар: Партиите функционираат како фирми чии односи со јавност се идентични со оние на фирмите и поголемите компании. Техниките на убедување и манипулирање се речиси идентични.Реклами, кампањи, пресови, инсценирани медиумски настани, огласи, сé се тоа методи кои воопшто не се разликуваат по тоа дали продавате сапуни или некој нов закон.
-Политичко-медиумски сојузи: За одржување на ваков корпорациско-политички систем медиумите се клучен фактор, и за тоа тие не смеат да бидат оставени да функционираат ненасочено, или целосно слободно, особено оние најгледаните и најтиражните. Ако соработуваат супер, ако не, тогаш ќе бидат ставени под различни форми на индиректен и директен притисок.
-Угодување на потрошувачите: Како што компаниите се трудат да им излезат во пресрет на своите потрошувачи, угодувајќи им на најскриените страсти и желби, така и политиката целосно се приклонува кон тоа да опита кои се отворените и скриените желби на гласачите (политичките потрошувачи, заб. ав.) и потоа да им понуди некоја симулирана форма за нејзино задоволување. Ве нервираат професорите или докторите кои земаат мито, се апсат неколку такви (иако системот не се менува баш и продолжува да опстојува), ве фрустрираат другите етнички заедници или вери, исценирајте медиумски националистички спектакли кои ќе ви дадат шанса да извикате тоа што „демек“ не се смее и веднаш ви е полесно на душичката. Јавноста е загрижена за напливот на дроги кај малдите, направи кампања за тоа. Врв на ваквиот приод на „подвлекување“ се контактните емисии по медиумите кои функционираат како ординации за психо-терапија или пак архтитектонски потфати кои ја преземаат улогата на забавни паркови кои вообичаено ги прават компаниите.

 

-„Преземање“: Во корпорацискиот свет познат е феноменот на „merging“, односно спојување на компании, или пак преземање на помали од поголеми компании. „Конкурентноста води кон монопол“, односно кога силните стануваат посилни, послабите кои ја губат конкурентската битка се принудени да се припојат кон посилните. Нивното место во системот ја губи смислата тогаш кога тие немаат никаков потенцијал да ги загрозат посилните од себе. Репрезентативноста, односно застапувањето на граѓаните тука целосно му отстапува место на принципот на приграбување на моќта.

На микро план има и редица други индикатори за целосното претопување на политичкото во капиталистичкото и за преминот на партиите во фирми, но за нив повеќе во некој друг текст.

Турбофолк: Made in MK

Турбофолкот најчесто се дефинира како музички жанр настанат на тлото на поранешна Југославија, првично на територијата на Србија во текот на воените деведесетти години од XX-от век. Од Србија бргу се проширува во Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Словенија, Бугарија и Албанија. Преку медиумите турбо фолкот се проширува и во деловите од Европа, Северна Америка и Австралија населени со жители со потекло од Балканот.

Овој музички жанр главно се одликува со комбинирање фолк музика и елементи на диско, поп или „dance“ музика создавајќи амалгам од навидум неспоиви или дури контрадикторни музички звуци и стилови. Методот не е оригинален во балкански рамки каде и пред тоа се компонирани музички дела од сличен тип, а познати се под различни термини (чалга, буг., laiko, грч., tallava, алб., manele, ром.), како и пошироко („Чаби“ Мароко, „Раи“, Алжир, „Ал Жил“, Египет, боливудска „Бангра“ музика, Индија, „Наркокоридос“, Мексико, „Румбитас“, Шпанија, и други, Ćirjaković, 15-17). Теоретичарите ги сметаат за одделни обиди за „урбанизација на фолк музиката“. Од другите одлики важни за споменување се лесно певливите стихови, едноставни рими без амбициозност за подлабока смисла на стиховите, истакнат еротизам и воспевање на сексуалноста, и така натаму.

За автор на самиот термин „турбо-фолк“ се смета Антоније Пушиќ, alias Рамбо Амадеус, кој терминот го сковал за шеговити и пародични намени, но тој постапно се преосмисли и почнал да се употребува за именување на овој жанр.

Турбофолкот се смета и за своевидна субкултура која е рефлексија на бурните деведесетти години, а се поврзува со транзицијата, криминализацијата, тајкунизацијата, проширување на општествените кризи и обидите преку оваа музика да се избега од таквата реалност, така што турбо-фолкот речиси без исклучок се вбројува во ескапистичките правци во музиката (Slavkova, 2). Покрај ова, турбо-фолкот функционира и како средство за изведување на процесот на „рекомпонирање или преосмислување на идентитетот“, и „ре-традиционализација“ (ibid.) на тој начин што новата материјалистички обременета и хедонистички настроена култура ќе ја спои и помири со фолк-елементите на своето поднебје. Потребата од  рекомпонирање на групните идентитети се одвива во кризни периоди каде низ „митолошки (потпомогнато) преродување на групниот идентитет се освежува и зацврстува социјалната организација на колективот“ (Мирчеа Елијаде). Се работи за цикличен културолошки процес кој се обидува да го апсорбира новото во старото, давајќи му нов белег и квалитет на нивниот спој.

Сумарно, турбо-фолкот од разбибрижен музички „жанр“ кој комбинира различни хетерогени елементи, се развива во субкултурен феномен кој отсликува подлабоки процеси во општеството како што е ревитализација на колективот и обиди за апсорпција на материјалистичката потрошувачка култура во постоечкиот етно-културолошки код.

Турбо-фолк музиката се слуша во голема мера и во Македонија, а ликовите на Цеца Ражњатовиќ и Јелена Карлеуша имаат речиси култен статус кај својата бројна публика од овие простори. Во Македонија овој жанр се смета за „накалемен“, односно увезен од комерцијални причини од соседна Србија. Неговите интерпретации се распослани во широкиот дијапазон од еуфорично прифаќање и следење, до доживување како вулгарен простачки феномен и некаков-си карнелавистички ритуал на необразуваната класа. Градските власти натежнаа кон вториов пол и решија турбо-фолк музиката да ја забранат во превозните средства на јавното сообраќајно претпријатие од октомври 2011 (Скопјани ќе се возат со класика и техно, Кирилица, 5.10.2011).

Во ваков контекст интересна е појавата на ревитализација на локалното про-турбо-фолк творештво, во Македонија познато и како „новокомпонирана музика“, кое носи слични или идентични одлики со останатите пројави на овој жанр на Балканот. Иако „златните времиња“ на турбо-фолкот на Балканот се чини се далеку зад нас, сепак во Македонија тој во оваа 2012 година наоѓа плодно тло и пригода да се реактуелизира и ревитализира. Причините можат да бидат бројни, од општествена и морална криза, преку преосмислување на идентитетите на колективите, сé до пораст на национализмот. Најчесто низ комбинација на овие фактори и потребата од одреден ескапизам ваквите музички творби добиваат на актуелност и популарност.

Она што е поважно од (бес)смислата на стиховите подолу секако е прашањето каков поважен процес и промена овие творби олеснуваат или извршуваат? Македонија се соочува со сериозна криза на идентитетите, поделеност на различни основи и засилена сеграгација како по верска и етничка основа, така и на социјално-економски план. Во наш микро-контекст „воскреснатиот“ турбо-фолк претендира да биде „химна“ на класното раслојување на „богатиот“ од останатите и на воспевање на акумулацијата на капиталот. Тоа што политиката провејува и низ овие стихови, секако е сигнал дека нејзините прсти се длабоко вмешани во сите овие превирања потврдувајќи дека „демократскиот плурализам“ сé уште не успева да се ослободи од комунистичкиот холизам и потреба да контролира сé.

Kористени извори:

Čolović, Ivan (2000), Politika simbola, XX vek, Beograd.

Ćirjaković, Zoran (2011), „Turbofolk – Naš a svetski“, Fenomeni popularne kulture.

Slavkova,  Markéta (2010) „Еchoing the beаts of Turbo-folk: Popular Music and Nationalism in Ex-Yugoslavia,  Urban People press.

Раденковиќ, Дарјан (2009), „Анализа на критиката на турбофолк културата“ (магистерски труд), Скопје.