Archive for January, 2012
Македонија Република Скопје?
Jan 3rd
На последниот ден од минатата година во неколку домашни медиуми осамна речиси идентичен наслов ‘TV 5 Monde ја преименува нашата држава во Македонија – Република Скопје!’.
Веста беше пренесена од друг медиум (порталот на албански јазик Едиторијал), што е еден од најкористените рецепти на домашните медиуми, „преземање“ вести од други медиуми, без проверка на ифнромациите.

За познавачите на правилата за „листинг“ на земјите, некои од правилата кои важат во англо-франкофонските говорни подрачја и кои вообичаено се практикуваат во вакви пригоди (името на земјата, па додавките во пост позиција) , секако очигледно е каква „турлитава“ се случила овде. Името на земјата е наведено во иста линија, а под неа стои име на градот за кој важи временската прогноза. Во суштина сајтот на медиум кој де факто не ословува под уставно име е обвинет за нешто непостоечко. Читателите на овие медиуми брзо сигнализираа за каква журналистичка лакрдија станува збор, па за среќа немаше некакви дипломатски последици од овој комичен, а во суштина тажен ;( „псевдо-настан“.
Грешки секако се случуваат, но елементарната неписменост, непрофесионално работење, наклонетоста кон скандализирање на информации и ароганцијата се секако најпроблематични.
Критичката свест, стручната наобразба, како и задолжителното проверување на информациите се покажаа, пред сé низ низа примери на пласирани „лажни“ или шеговити вести, како една од послабите страни на нашите медиуми, дури и за оние кои се уважуваат себе си како „најгледани“ и „најчитани“. Освен „Плус инфо“ кој објави корекција на информацијата, ниту еден од медиумите не собра сили да ја признае грешката и да објави исправка (спротивно на член 3 од Кодексот на ЗНМ), а камоли да се извини до своите гледачи/читатели/корисници.
Ако нашите медиуми ни се огледало кон светот, тогаш мора да се каже дека се работи за едно прилично искривено и матно огледало,а кризата на новинарството не е само од надворешен тип (во смисла на притисоци врз новинарите), туку е најмалку двострана. Нејзината внатрешна димензија, онаа внатре-новинарската, е круцијален дел од проблемот наречен сериозна криза на медиумите.
Recent Comments