Признание: не гледам контактни тв програми замислени како некаков телевизиски форум и дебата, било да се утрински, попладневни или вечерни, било да се водителите владини, провладини или опозициски настроени. Гледав #umoevreme кога беше новитет, но не повеќе, жанрот се истроши, темите исто така, како и моето трпение да слушам неколку стеротипни приказни како се вртат постојано во етерот.

Нејсе, покрај моето лично небендисуење на ваквите програми, истите сепак ниту ги исцрпуваат темите, ниту пак гледачите, кои како да се грабаат кој попрв ќе се јави да каже што му лежи на душа. Прашањето е ако ваквите тв контактни сеанси имаат минорен ефект и влијание врз јавните работи, зошто упорно се одржуваат во етерот?

Првата причина е политичка (политичкото е секогаш на прво место, нели?), која се сведува на потребата да се одржи во медиумите тој „народски дискурс“ на политичките сили кои дрмаат во Македонија. Јазикот на политиката кој ќе го сретнете во вестите, весниците, изјавите и слично е еден тип на „политички јазик“ (во стручната литература се користи и терминот „функционален стил“), додека „преведениот“ јазик и стил, политиката спуштена на чаршиско ниво, ќе го сретнете токму во овие медиумски програми. Ефектот кој го има учењето и соживувањето со ваквиот приод (ала Politics for Dummies) е пресериозен за мала земја и општество од наш „комбиниран тип“.

Втората и не помалку важна функција е психотерапевтската. Контактните тв емисии од типот Здраво Македонијо, Бумбар, Бурек, Тука и овде, и други, се ефтина психо-терапија за публиката (ако се иземе телефонскиот трошок, тогаш и бесплатна). Улогата на психијатарот, да речеме во Америка , и потребата да ве ислуша некој околу вашите лични преокупации, овде ја презема телевизорот и водителот на самата емисија. Овде вие говорите, тој слуша,  главно уважува (со варијации и осцилации од страна на водителот кој може и да натега, притиска или сугерира, зависи од самата емисија) давајќи ви чувство дека вашата реч, прифатена или не, сепак одекнала во етерот, а со тоа и во јавноста. Психотерапија за ич пари!

Разликата е само во тоа што Американците се фокусирани на своите индивидуални, материјални, сексуални и психолошки потреби, додека тоа кај нас сé е во аут, а сиот фокус е на политиката како единствена достојна преокупација за граѓаните. Јавното е изедначено со политика, нема јавна тема или прашање кое нема некаква реална или конспиративна политичка заднина.

Во таа смисла, ваквите „тв-форуми“ вешто ја залажуваат публиката дека се нивна можност јавноста да го чуе нивниот глас, да дадат придонес во дебатите за важни прашања или да најдат решение за некаква мака. Она што тие примарно го прават (сите останати ефекти се спорадични, случајни или колатерални) е одржување на културата на висока политизација за сметка на реален опиплив граѓански активизам или граѓанска посветеност во решавање различни проблеми.

Додека тие се така успешни, вербалното верглање за високата политика ќе биде директно спротивставено на слабиот граѓански активизам и практично учество во јавните работи. Идејата сега не е од екстремен тип дека се е тоа „џубре и треба да се укине“, и слично, ами да се посочи дека јаловата, успивачка, еднострана,  псевдо-дебата работи контра својата идеја: општествено активен граѓанин кој држи до своето достоинство и интерес.

Ако имате некоја убава работа, во овој случај вредна демократска придобивка, па ја расипате целосно, тогаш немојте да барате од другите да молчат кога е очигледно дека нешто сте расипале и порекнувате дека е така.