Одам сабајлево да земам нешто за јадење од ближното кафуле што продава и некој поскромен асортиман тестенини. Застанувам и чекам: две госпоѓици зад каса, едната услужува други гости пред мене, втората нешто се нечка и околиши околу касата. Првата ме прашува што сакам, јас викам кифла со кашкавал, а она ми одговара: „Извини само што завршија…ОК, велам, јас, дајте ми тогаш…“, и оп од зад мене две муштеријки подаваат да платат што јаделе внатре во кафулето. Првава госпоѓица заради магнетизмот на парите се впушта да ги услужи нив пред мене, а јас останувам тет-а-тет со втората келнерка. Ме погледнува млако и пушта долу рака под каса и вади кифла, која претходно ја јадела, да си ја дојаде. И ме гледа. Хммм..ја гледам јас кифлата која си ја нарачав, а ја немаа, а она ја држи во рака. Ја јаде и ме гледа невино а смело.

Тука тенчам поглед ала Клинт Иствуд у „За шаку долара“ и чувствувам страшна потреба од музичка подлога од Мориконе. И дур се фасцинирам јас со неа, првава келнерка завршила работа со госпоѓите и и вели: „Ај те молам услужи го дечкото“. Спуштање кифла, бурекче велам јас, ми го подава немушто и си продолжува она со кифлата, а јас со бурекот во рака патот под нозе.

Не знам како некој друг би реагирал, ама јас кладов прст на чело и си велам: „Не се мурти, трпение, трпение, народ што бил 10 века под ропство не може да биде услужен, тоа е тоа..тука се работи за рецидив на непокорот, на слободарството…гордеј се со овие неуслужни луѓе!“. И така и би, си отидов со бурекот со зголемен патриотизам.