Слика 1: Стоиш пред сендвичарница, Ромче ти приоѓа и ти вели: „Чичко дај пет денара?“.

Слика 2: Гледаш телевизија, водителот се врти кон тебе и ти упатува апел за донација на 100 денари со повик на даден телефонски број за итна операција на наше мало сограѓанче некаде во белиот свет.

Што ќе направиш?

Во првиот случај останува на твојот морал и човечки суд што ќе направиш. Препораката на „експертите“ и социјалните работници е да не им се даваат пари на питачињата затоа што со тоа го храниш и репродуцираш системот на експлоатација на малите питачиња од страна на повозрасните кои ги тераат на питачење, и кои, конечно, на крај од денот им ги собирале парите.

Во вториот случај, јас би си зел за слобода, да кажам дека нема разлика: со донирање на 100 денари го храниш и репродуцираш системот кој  ги експлоатира и заболените и хуманите и во кој „Големите“ здравствени институции (читај Здравствена индустрија) наплатуваат ненормално високи суми за своите услуги, а телефонските компании делкаат фини проценти од секоја донација (шифра ДДВ).

Кога, о да кога, кога ќе слушнеме дека некоја престижна установа хумано извршила бесплатно некоја операција и спасила живот?

Кога, о да кога, кога ќе слушнеме дека телефонска компанија се откажала од профитот на вакви донации и ги дала за болниот? О, да, ќе се појави информација дека донирале, во еден од 50 случаи, за некое дете, колку да го замаскираат својот нехуман профит во останатите 49 случаи.

Не велам дека човек не треба да биде хуман, туку само свесен во каков нездрав и експлоатирачки систем живее. Понекогаш се чувствувам како бебињата во оние капсули за црпење топлинска енергија во „Матрикс“ кои им даваат енергија на машините наречени компании, корпорации и државни апаратуси.