Луј 14: „По(сле) мене потоп“, балкански лидер, „Пред мене потоп!“
Не знам дали воопшто постои таков термин (ќе да е, дека не постои), ама има на ова Балканиве еден вид проширен синдром кој условно би можел да се нарече „Синдром на Ное“ (алтернативно, „Ноев синдром“).
За што станува збор?
Има една автентична приказна кој циркулира на балканскиве простори, а која се однесува на посета на Рим од туристичка група од една од екс-ју земјите:
„Одиме ние во разгледување на градот, водичот пак зборува за архитектурата (а за што друго?), па оваа зграда ја соградил овој Папа, онаа некој гроф, и така редум. се така додека не стасавме до еден мост.
-„Овој мост го изградил Мусолини, 1937 година, а малку подолу е изграден и втор, кој е изграден неколку години подоцна“.
На тоа еден од туристите дофрла: „Мусолини?!? Па што не сте го урнале!“- веројатно мислејќи дека она што го изградила фашистичката рака, не треба да постои. На тоа водичот му договара зачудено: „Зошто да го уриваме? Па тоа е само мост“.
