Пред некој ден бев на гости кај свои пријатели, на релаксиран околуновогодишен муабет, со нив и нивните први комшии. Додека спокојно ги испивавме своите чаеви и кафиња, во собата притрчаа забрефтано разиграните девојчиња, едната ќерка на пријателиве, а другата на комшиите:

-Мамо, мамо, вели едната, Тина ми ги фрли играчките низ прозорец!

-Мамо, мамо, лаже, лаже, таа ми ги фрли моите играчки, одговара другото девојче.

Се поднасмеавме со овие мали ангелчиња, мајката домаќинка излезе да ги подсмири, а мене онака целава сцена ме потсети на прес-конференциите на нашите политички партии и тоа како си ги имаат на-ти-го, дај-ми-го, на инаетџиска база. Супер, веројатно девојчињата можат и да им продадат некоја финта за ваквата инаетџиско-инфантилна  комуникација.

Најсмешно од сѐ е што нам ни е ок сето тоа. Не мислам на девојињата, тие само си играат. Или пак, не си играат само тие?