Кога и да државава заглави во некој ќорсокак, започнува театарот на екстремизмот, дали е политички, етнички, социјален, медиумски, спортски, комшиски, you name it. Ние што сме виделе и други сезони на екстремизмов, не се возбудуваме премногу, иако работите секако никогаш не се наивни, засегаат човечки кариери, судбини, итн.
Во своето последно блокбастер издание, т.е. во сезоната есен зима 2009, во мода е патриотизмот. А за да патриотизмот некако живее и вирее, автоматически мора да има и антагонисти, бед гајс и слично, па се пуштија по весници и листи на предавници, платеници и така натаму. Па наместо да се игнорира тоа, се крена врева, и така, чекор, по чекор, ефект на лавина. За жал лоши рабоќе, наместо како општество да се фокусираме на развој и напредок, принудени сме да гледаме вакви сцени како од „Тесна кожа“.
Се разбира, секој есктремизам, мора да се осуди. Нашево „мулти-x, z, y…“ општество, колку да е убаво во својата разноликост, мора да бидеме свесни дека е сочинето од лесно запаливи материи, па посегнување на екстремистички тактики, со каква и да е намера, може да биде прилично опасно. Јас го осудувам екстремизмот, од секоја страна.

Исто така, постои и диференцијација, на она што се вели, одговорни и поодговорни, па треба да им се упати критика и на најодговорните: ако тимот губи 3:0, ние од публиката логично е да ги исвиркаме играчите што играле на терен, многу повеќе од оние што седеле на клупа. Иако знаеме дека и тие на клупа можат да влијаат, ама тие што играат тие носат најголема одговорност. Затоа критика и до најодговорните.
Но, за волја на вистината и добронамерната чесност, мора да се споменат и други работи, кои мислам дека се важни од принципиелна гледна точка. Постои еден над-системски принцип, кој некако ги диригира овие појави дури до степен на физички закон:
-Една од најтегобните појави од нашето секојдневие се монополите, дали се работи за телефони, струја, интернет, што и да е. Овој принцип на монополизација е присутен и во политиката, и тоа како. Антагонизмите таму се генерираат врз принцип на монополизација на одредени идеолошки или активистички сфери и дејности. Сега сме само сведоци на еден вид „монополизација на патриотизмот“ од одредени субјекти и поединци. Тие преземаат некакво „природно“ право својот вид на патриотизам, макар бил и во екстремна и негативна форма, да го испромовираат како единствен и неоспорен. За да монополизираш нешто мора да ја сотераш работата во есктрем кој би исклучил секаква потреба од нешто различно.
-Екстремистичката монополизацијата на патриотизмот од десничарските политички и медиумски кругови е реакција на екстремистичката монополизација на европеизмот кој се пројави од изборите 2008 наваму од страна на опозицијата и другите кои се обидоа да ја монополизираат европската идеја, со обвинувања за антиевропејство и изолација. Едните натиснати наваму, сметаат дека имаат право да натиснат натаму, и во тоа натегање следува општо газење на сё што не е дел од тие екстреми. И како по физички закон на клатно ако натегнеш повеќе наваму, се ниша нишалото повеќе и во другиот екстрем.
Останува заклучокот дека принципот на монополизирање на одредени идеи, и сё она што оди со нив, нужно нё води во екстремизам, кој никој не го посакува, освен оние кои секако љубат и милуваат матно и богатиот лов во него.
