Archive for September, 2009


The Fabulous Life of Komunjari

Многу го бендисвам ова шоуво „Fabulous life“ шо ојт на А2 за америчкиве богаташи, ама многу ептенски. Гледам и уживам, ма уживанциии! Коли, базени, накит, градини, женски у бикини, wow, што друго да кажеш?!? Глава боли! Мераци, убавини и лезети, ма све инклудид!

За жал, во македонската јавност помина незабележано еден добар обид за правење на локално шоу од овој тип. Почитуваниот пратеник од редовите на конзервативната десанка, Ѓорчев Влатко, направи обид да се локализира и ова шоу, но за чудо и голема штета, пилот епизодата на ова несудено шоу не успеа да се развие во серијал на ниту еден од нашите медиуми! Штета!!!

Значи, се работи прво за колумната „Спомениците“ на црвената буржоазијана Ѓорчев, наумена како пилот-сценарио за овој серијал, а потоа и неговиот настап кај Миленко со истата идеја. Извонредно, извонредно! Како во најдобрите епизоди на „Fabulous life“ Ѓорчев објаснува и опишува како живее нашата буржоазија, или олигархија, и прави една извонредна тура низ Водно и другите оближни локалитети..

Погледнете ја куќата на Илија Филиповски. И, брат му Благоја Филиповски. Две палати и базен. Илија Филиповски беше потпретседател на Извршниот совет на СРМ за време на СКМ и КПЈ. Бил директор на увоз-извоз во ОХИС, приватен стопанственик, пратеник на СДСМ и потпретседател на Владата. И, министер за економија.

Mаестрално! Воа воа сакаме да гледаме, а не Савајвор и Фарми некакви си! Дајте му на народот тоа што бара, еееј!!!

Биљосекулизам

Значи во нашиов етер, има доста интересни ликови, а и фрикови, да се каже вака искрено. Мене особено ми се интересни новинарите, кои со својот јавен иступ се обидуваат да го задржат нашето внимание и да внесат свој личен печат врз она што го прават пред камерите и микрофоните.

Една од поинтересните медиумски појави секако е респектираната Секуловска Биљана. Она што таа го прави пред камерите или е некој вид уметност или е нешто што повеќето од нас не можат да го разберат низ „очилата“ на секојдневното поимување на новинарството. Нејзините бравурозни игри со јазикот и стилизацијата која ја внесува се нешто невидено. За што станува збор?

Земи на пример едно обично новинарско прашање: „Зошто Марко отиде дома?“. Кај Секуловска тоа не може да биде едноставно така. Таа низ својот журно-артистички алгоритам на рекодирање на јазикот, во стилот на Дуковски, Стефановски, и сличити мајстори, веднаш драматуршки го трансформира во следната неверојатна форма:

„Марко (пауза) дома отиде (пауза). Зошто?“

За да човек ова го изанализира потребни се тешки литературно-стилистички маневри и содржинска анализа за да се протолкува што сѐ се случува овде.

-Значи Секуловска прави директни интервенции во збороредот на своите реченици, при што реди именски синтагми (именски зборовни групи) онака по уметнички преференцијализам, за да логичкиот акцент, го напенали на крај, нешто како во германскиот или турскиот јазик:

Нему како и на целата меѓународна заедница, му е многу важно да се дискутира за името, иако подоцна се излегува дека двете страни не попуштаат, и се работи за бескрајни , со години преговори.“ (чиста уметност!)“.

-Секуловска користи и т.н. суплетивни реченични форми, т.е. сосема отфрла некои делови од речениците, мислам што ќе ти се предлози и слични дребулии:

Репликите завршија и со тоа и дуелот македонски претседател и грчкиот амбасадор во Берлин“.

-Поетска репетиција: „За Иванов, реалност е да се добие датум, и тоа датум, а не само препорака за преговорите“.

Ова се само некои егземпларни одредници на оваа извонредна стилистика, оваа волшебна пројава на артизмот во дневното новинарство, па овде може само да апелираме истото повеќе да се цени, а по можност и да се проучува потемелно.

Pasko Revolutions

Многумина од нас, еве неколку години, се прашува(в)ме за часовниците на Паско: што марифет се крие зад нив? Дилемата е разрешена, а станува јасна од следното видео: Паско инспириран од филмот Matrix, како повеќето од нас Матрикс-фановите, напросто чисто трендовски ја презел финтата од ликот од третиот дел на Матрица (Matrix Revolutions) наречен „Train Man“.

Но, чекај малку, приказната не завршува само на овој фановски потег на почитуваниот Паско, има тука малку и длабочина во приказнава: ликот кој го инспирирал Паско, т.е. Железничарот, го контролира тунелот помеѓу Матрицата и Светот на Машините. Слично и Паско, тој пак го контролира преминот од нашиов појавен свет, т.е. нашата Матрица и светот на владините машини, особено багери. Ликот на Железничарот е базиран на митолошко-античкиот Харон кој ги пренесувал душите на мртвите од овоземниот кон оноземниот свет. Слично, и Паско, само во обратна насока, ги пренесува душите на Античките Македонци во овој наш свет.

Ова се само некои наоди од нашето истражување, па се очекува наскоро да произлезат и нови сознанија. Long Live Pasko!

Кафе смогучино

Не можам за себе си да кажам дека сум го прошетал белиот свет, но ете сум бил на доволно места да го спомнам ова: една од уникатните работи што можете да ја видите во Скопје се кафулињата и местата за јадење буквално ставени на тротоар од булевар или прометна улица. Има неколку на Партизанска (ај да не ги именувам, страм ми е), на булеварот Крсте Мисирков, на прометната улица наспроти Бугарска амбасада (ул. Митрополит Теодосие Гологанов) и уште на ред други места.

Кај си принуден да се ситиш со издувни гасови и бучава, па уште мораш за сето тоа фино и да си платиш.

На ова, ако сакаш, можеш да ги надоврзеш, и „ултра-ексклузивните“ станови со балкони баш над семафори од булевари (на пример вкрстувањето на Водњанска и Васил Ѓоргов), кај што навистина се создадени сите предуслови за вистинско задушување и со смог и со бучава.

Ако е по Дарвиновото, ако ова го преживееме и останеме здрави и прави, сигурно ќе станеме некаква супериорна раса.

Само што ја гледав по 765-ти пат рекламата за зонското паркирање во центарот на Скопје. Фино лепо, три зони, плаќање со смс, културно, европски, навидум убавина. Сѐ ок до местото на рекламата каде се вели вака: „платете симболична цена и овозможете повеќе слободни места за сите!“

Финтата е секако во „симболичната цена“, која ни под разно не е симболична. Симболична цена за наши услови е 10 денари. Значи, црвена зона 45 на час, жолта 35/ч, зелена 25/ч. И ова сѐ ти се однесува до 21ч во делник и до 14ч во сабота (недела и празници не се наплаќа). Како што може да се види целиот систем не е осмислен да го организира паркирањето, и да „внесе ред“, туку да спука брз профит за оние кои го спроведуваат, што во осиромашена средина како нашава ќе резултира во поголем хаос со паркирањето, затоа што никој не е луд да оди на кафе во центарот на градот, каде се најатрактивните места и кафулиња, и да даде барем 90 денари само за паркинг.

Дур се паркираш и излезеш од кола, па стасаш до посакуваното кафуле, ете ти 10 минути, + 10 на враќање, одземи уште15-20 минути за чекање на услуга, сметка и слично, и гледаш дека нема шанси да се напиеш кафе без барем 2 саати паркирање, ако не и повеќе. Не дај Боже да тргнеш да завршиш некоја рабта по шалтери низ центарот а си се паркирал. Тука 2 до 3 часа паркинг не ти гинат. Реално е да с еочекува да играат секири во разните редици во центарот на Скопје.

Можеби во места со просечна плата од 1000 евра, едно и пол евро за два сати паркирање има смисла, но кај нас прилично тешко. Вака со поместување на цените заради поголем профит целиот систем паѓа во вода, толку лесно е да се види тоа.

Историчарите и археолозите долго време се прашуваат што е „missing link“-от помеѓу античкиот и словенскиот период, и упорно го бараат крунскиот доказ што би ги разрешил постоечките дилеми и расправи за нивната поврзаност. Во една дебата Паско Кузман изјави дека пронаоѓањето на оваа врска, во археолошка и историска смисла, е клучно и во спорот за името и расчистувањето за тоа кој има поголемо право врз името и поимот Македонија.

Значи се работи за еден вид Свет грал на археологијата во однос на античкото наследство на просториве кој недостасува и за кој тие трагаат, но за жал уште не се сигурни што тој би можел да биде?

Одговорот ние не го знаеме, но тој би можел да биде и многу едноставен: ако на пример нашата страна успее да покаже и докаже дека Античките македонци користеле ајвар, сите дилеми ќе бидат разрешени. Тоа секако е „туше“ или „say no more“ сценарио, па вака како добронамерни граѓани и мислечка интернет сила би препорачале напорите да се фокусираат во тој правец: да се бара ајварот како алка што недостасува, а не некакви плочи, статуи и слично.

Powered by WordPress and Motion by 85ideas.