Во моите ситнички години мајка ми често ме предупредуваше да внимавам при менаџирањето на своето време, како го проведувам, со кого го проведувам, дали правам нешто полезно или не, дали ги средувам првин домашните задачи, па потоа се играм со другарчињата, и така редум. Една од најспоменуваните теми беше „уличарството“. „Немој да си станал уличар!“, зборуваше прекорно мајка ми, укажувајќи ми на сета штетност од киснењето на улица, а јас само гледав и се обидував да разберам за што таа толку се секира и од што сака да ме сочува. Маткањето на комшивчињата, кои не се прибираа по дома, ма ни за домашна, ни за ручок, седењето онака бесцелно на улица, свиркање по девојчиња, трчање по коли, мавање со камења по кучиња и мачиња, и така, еден широк дијапазон на „спортови“ на отворено, кои според постарите беа за секаква осуда. Подоцна сфатив дека уличарството е токму тоа, бесцелно тепање време по улици без да се прави нешто корисно или добро за себе си.

И сега еден временски фастфорвард, кога ќе ја видиш нашава реалност, сфаќаш дека уличарството од кое ме чуваше мајка ми денес не да цути, туку е во невидена експанзија! Секако, со една мала разлика, денес во мода не се улиците, туку Information highway-от на Ал Гор, онлајн светот како ново место за уличарење. Без разлика дали се тоа оние забавни портали со површни содржини,трач страници, онлајн покерашење, квизови или разниве фејзбуци, сѐ е тоа еден нов вид „улица“, а сите (о)ние бесцелно закачени на нив с(м)е една нова генерација уличари, тепачи на време од различни происходства и причини. Но, сепак онлајн уличари.