„Много ми је мио“ проектот на МИО, па воден од тој извонреден егземплар на нашите институции решив и јас да потегнам аналогна граѓанска иницијатива и да побарам сугестии од јавноста за следниве зборови од странско потекло:
-ШТРАФЦИГЕР, БОНСЕК…
-КУПЛУНГ, ШОФЕРШАЈБНА, ГЕПЕК, МОТОР, КАРБУРАТОР…
-РОБОТ, ФРИЖИДЕР, МИКРОБРАНОВА, ЛАВАБО,
-МАНДАРИНА, БАНАНА, ПОРТОКАЛ, ЏУС, ЏЕМ…
-ГАЛИМАТИЈАС, МОДЕЛ, ШАБЛОН….
-ТЕЛЕВИЗОР, РАДИО, ТЕЛЕГРАФ, ТЕЛЕГРАМА, ТЕЛЕФОН…

Следната група зборови за преведувачки сугестии ќе биде објавена дополнително.
Откако по пљачкосуењето на Прокредитната банка, која и самата беше кизнаекоја по ред пропљачкана банка, казино или менувачилница, неделава и на Уни банка ѝ дојде редот. Вештите маскирани лица повторно успеаја да му ја здувнат, иако беше утрински рашаур, а банката под видео надзорство. Чуварите на редот отпотоа си се испрошетаа во поширокиот круг на банката, но можеа само да ги избројат џапнатите пари, како и обично, и ништо повеќе од тоа.
Ако се сеќаваш пред некое време проструи извесна шпекулација дека можеби и во Македонија ќе има трка на Формула 1 циркусот? Е токму оваа иницијатива ми даде идеја ако се прави патека за Формула 1 тоа да биде токму рутата која ја користат пљачкосувачите, па со право и самата трка ќе може да се нарече „Големата награда на Скопје“, а вака и ќе има извесна сторија и бекграунд зад оваа трка, со што истата ќе стане уникатна.

Патеката би одела негде од филијалата на Прокредит во Лисиче, низ Аеродром, до комплексот банки, па накај Стопанска, Комерцијална, во правец на Зираат банка, па потоа накај партизанска и вкруг назад накај Кале па во правец на Косово.
Е тоа би било спортска и туристичка атракција со свој бекграунд и уникатна приказна, а ние секако заслужуваме свое место и во овј белосветски циркус, ако е за волја на вистината.
Во рамкиве на македонскава блогосфера беше аргументирано посочено дека долго опстојува еден мит за реката Вардар. За што се работи?
Постојат основани сомневања оти при спојувањето на Вардар и Треска, во продолжение на нивниот слив следи Треска а не Вардар:
Дали е правилно да се тврди дека реката Треска се влева во Вардар или, строго научно гледано, треба да се каже дека Вардар се влева во Треска? Спротивно од она што можете да го видите на картата на нашата држава каде што се чини дека првото тврдење е правилно (дека Треска се влева во Вардар) всушност обратното е далеку поправилно и пологично. Ова затоа што во спојот на овие две реки, на границата меѓу општините Сарај и Ѓорче Петров, во било кој период од годината, во било која година, количеството вода што доаѓа од Треска е поголемо од количеството вода што доаѓа од Вардар. Освен тоа, должината на двете реки пред нивниот спој е во корист на Треска, таа е подолга и има и слив со поголема површина (од таму и повеќето вода во неа). Впрочем не без причина, првата хидроцентрала (Матка) и најголемата брана (Козјак) во Македонија се изградени токму на Треска. Е зошто тогаш, сите сме уверени дека е правилно да се тврди дека откако поголемата и подолга река Треска ќе се соедини во помалата и пократка река Вардар, новата река која продолжува треба да се вика Вардар? Нема смисла, нели? (Блогаствоот е тука,7 јули 2008).
И сега како човек да ги земе предлозиве дека за ново име на државава (како замена за фиром) е в ред „Република Македонија (Вардар)? Целата работа со оваа теорија е поткопана и доведена во сосема нов контекст, па наместо овој предлог се чини за понаучно издржан терминот „Република Македонија (Треска)“, вака ако сакаме да бидеме чесни кон науката?
Ем башка терминот Вардарска Македонија сега исто е доведен под прашање, дали и тој треба да се редефинира и субституира со евентуалното Трескавична Македонија, или некоја слична придавка од географскиот поим Треска?
пс: credits to darko156 за отворање на темава.
Во моите ситнички години мајка ми често ме предупредуваше да внимавам при менаџирањето на своето време, како го проведувам, со кого го проведувам, дали правам нешто полезно или не, дали ги средувам првин домашните задачи, па потоа се играм со другарчињата, и така редум. Една од најспоменуваните теми беше „уличарството“. „Немој да си станал уличар!“, зборуваше прекорно мајка ми, укажувајќи ми на сета штетност од киснењето на улица, а јас само гледав и се обидував да разберам за што таа толку се секира и од што сака да ме сочува. Маткањето на комшивчињата, кои не се прибираа по дома, ма ни за домашна, ни за ручок, седењето онака бесцелно на улица, свиркање по девојчиња, трчање по коли, мавање со камења по кучиња и мачиња, и така, еден широк дијапазон на „спортови“ на отворено, кои според постарите беа за секаква осуда. Подоцна сфатив дека уличарството е токму тоа, бесцелно тепање време по улици без да се прави нешто корисно или добро за себе си.
И сега еден временски фастфорвард, кога ќе ја видиш нашава реалност, сфаќаш дека уличарството од кое ме чуваше мајка ми денес не да цути, туку е во невидена експанзија! Секако, со една мала разлика, денес во мода не се улиците, туку Information highway-от на Ал Гор, онлајн светот како ново место за уличарење. Без разлика дали се тоа оние забавни портали со површни содржини,трач страници, онлајн покерашење, квизови или разниве фејзбуци, сѐ е тоа еден нов вид „улица“, а сите (о)ние бесцелно закачени на нив с(м)е една нова генерација уличари, тепачи на време од различни происходства и причини. Но, сепак онлајн уличари.