Користејќи ги предностите на новиве медиуми, се одважив и им пишав на авторите на „South Park“.

Навистина, без зезање, онака најотворено, пишав фино-лепо, па што биде нека биде. Отако френдовски ги испоздравив и им посакав убав спринг брејк, ги информирав за нашиве маки со Грците. Горе-долу, во кратки црти им пишав за што станува збор, нагласувајќи ја бизарноста на овој спор, но и неговата еднострана штетност (врз наш грб, тоа што демек националната суета на Грците им била као повредена, не се брои). Им направив паралели како самиот бекграунд на спорот како да е идеја на некој нивен лик, од типот на Ренди Марш, каде реалното се измешало со бизарното, да веќе не можеш да ги одвоиш или распознаеш едно од друго.

Нимиц го објаснува спорот за името пред учениците од South Park Elementary

Мислам редно е да ја потпомогнеме нашата дипломатија и со индивидуални постапки и обиди колку толку да придонесеме да заврши оваа смешна епизода од нашава историја.

Да не мрчев толку често и многу против онлајн активизмот можеби ќе направев и една Фејсбук група или „cause“ барем, но ќе видиме, не е ни ова исклучено, ако  може како било да придонесе во остварување на идејата: спорот за името во една епизода на Саут парк!

Па драги мои сограѓани, можеме ли да си замислиме поголема дипломатска победа за Македонија од исмевање на грчките позиции во епизода од Саут парк? Ако треба нека нѐ поткачат и нас малце, ама сигурно ним ќе им се изнаситат, поинтересни им се они за исмевање, каде-каде. Башка Американците ни се стратешки партнери, мислам дека  можат вака индиректно малку да го турнат спорот да киниса кон решение. Па дали може да има посмешен саутпарк лик од оној „дописникон“ на Грците од Стејт департментот, џоа Картман е целиот, на кој сите портпароли што се сменија последниве неколку години му се смеаат кога ќе почне панично да довикува „Фајром, Фајром!!!“

Мислам дека идејава има шанси да се оствари, па ќе видиме, благовремено ќе бидете информисани за понатамошните случувања.