Отако бизнисот со поделбите на народот, граѓанството, па и селанството, почна нагло да цути среде рецесија (каква ли коинциденција?!?), јас овака со истенчен „осечај“ за бисмис, веднаш насетив можност за брза заработувачка. Без да оддавам премногу, во насока на заштита на бисмис идејата, би шкрабнал само волку: планирам да стартнам нов бизнис кој заради состојбите на пазарот и потрошувачките навики одма ќе пркне од старт, па кој знае можеби ќе има шанси и да се отвори цел синџир на вакви услужни претставништва.

Се работи за отворање на малопродажни центри за етикетирање. Ако тргне бизнисот, може да се удри и на големо, па да се старта и еден кванташки, онака со роба на велико, но ќе видиме, здравје, сѐ зависи како ќе реагира пазарот. Во моментов пазарот изгледа прилично ненаситен за етикети од секаков тип. Увелико се бараат и интензивно трошат етикети, како за комшии, роднини, колеги, интелектуалци, професори, студенти, активисти, правници, а да не зборам за политички активни елементи.

Значи доаѓаш во мојот Центар за етикетирање, добар ден, добар ден, повелете, ве молам би сакал едно две етикети за мојот комшија кој фрла ѓубре од балкон и не плаќа за одржување на влезот. О да, секако, нема никаков проблем, повелете седнете. И тука даваш еден прашалник на заокружување, и странката пополнува прашалникот, фино лепо, викаш фала. Внесуваш податоци во компјутер, старташ „Etiquette Generator 2.1“ и оп-оп нудиш листа, странката си бира и си заминува повеќе од задоволна.

Па имаш разни можност, земеш три една гратис, разни пакети, етикети за странци, етикети за локална самоуправа, за бизнис класа, и така натаму.

Сега треба малку работа околу програмирањето и апдејтувањето на Etiquette Generator-от но со малку труд и користење на домашните ресурси и богатата база на податоци, ова не би  требало да биде проблем.

Ма бизнисов има така да цвета што нема да има потреба да се рекламира, генерално ќе се шири преку така наречениот „word of mouth“, напредна техника на бизнис промоција и експанзија.

Слоганот може да биде „Времето лета, што ќе ти е живот без етикета!“ (ТМ!);