Генералната оценка на „дoкторскиoт конзилиум“ е дека „состојбата на гласачкото тело се подобрува, но сепак истото ќе мора да проведе уште значителен период на интензивна нега“.
Ова соопштение е охрабрувачко со самото тоа што по ланските јунски инциденти гласачкото тело конечно беше префрлено од шок-соба на интензивна нега, но сепак неговата состојба останува сериозна и тешка за предвидување.
Повредите здобиени на ланските избори беа живото-загрозувачки, па иако гласачкото тело беше прилично истоштено од транзицијата, сепак се покажа како жилаво и ги преживеа изборните ексцеси. Во периодот помеѓу двата избора, на гласачкото тело му беа аплицирани низа шок терапии, со цел да закрепне, но се покажа дека голем дел од тие терапии или не даваа резултати или беа дури и штетни.

И пред овие избори партиските доктори поделени во неколку табори аплицираа шок-терапии по своја проценка, со различни резултати. Популистичките електроди извршија свое влијание и го наелектризираа гласачкото тело. Телото реагираше на овие стимули, но до душа не во толкава мера во која се надеваа некои медицински експерти. Инфузијата (а.к.а. партиски бучкуриш) преку медиумската инфузиска пумпа беше уфрлена во големо количество, но и таа во голема мера само проциркулира низ гласачкото тело и заврши во форма на секрети. Во пределот на левата ременско-стомачна регија, електродите не извршија никакво влијание.
ЕУ, НАТО мониторот (функционира на системот „бенчмарк“) не покажа некои промени, статус кво, сега засега.
Опипувачите на пулсот се покажаа како неверодостојни, едни викаат вака е пулсот, другите онака, и на крајот на краиштата се покажа дека мерните уреди им се или застарени или дека се штелуваат за да им угодат на партиските (спин) доктори.
Како светла точка се покажа механичкиот вентилатор од странство кој некако придонесе гласачково тело да додржи во далгите на сиве овие „добронамерни“ терапии, но не дај Боже истиот да се расипе, ќе биде „држ не дај“.
За сега докторите не се во состојба да комуницираат со гласачкото тело, тие му зборуваат, демек го бодрат, јакнат и храбрат (добар си ти, силен си, најдобар си), но гласачкото тело како да не ги слуша, или пак ги игнорира, ај па дознај.
Сума сумарум, се забележува дека телото дава некакви знаци на физиолошка функционалност, но уште е далеку од тоа да застане на свои нозе и да ја одбие веќе штетната партиска инфузија.
Дополнение: За проблемот со чиреви на истово тело, читај овде.
