Бизаро Македонија
Дали верувате на предизборните ветувања? Јас не, но што со тоа ако не веруваш? Со тоа не ја загрозуваш виталноста на илузиите кои ги предизвикуваат тие.
Предизборните ветувања и слогани сепак се извонредна можност да ја изтестираш реалноста како што ја перципираат центрите на политичка моќ, само што треба со мали интервенции и реторички маневри да ги декодираш пораките и да ја разоткриеш реалноста во своја разголена форма, без навлаките на утопијата и дефокусирањето. Ветувањата и слоганите се секогаш (освен кога се „констативни“, како оној на Обама „Change“) фокусирани на Отсутното, на она што недостасува, она што се посакува, а е Недофатливо. Функцијата на слоганот е со својата инкантација да создаде привид дека Недофатливоста на ветувањата е надминлива, тоа е вербално-реторички пандан на фатаморганата, чувството дека оазата е досеглива среде пустината на нашите животи.
Значи, ги земаш предизборните слогани, ги антонимизираш, т.е. ги рокаш во нивната спротивност, и така ја добиваш каде-каде пореалната слика за твојата земја. Ако се изкоњугира оваа тест-методика, тогаш нашата земја вака изгледа (колку е тоа блиску до вистината, проценете сами):
Македонија е земја во која: никој ништо не прави заедно, луѓето се поделени, сите живеат под мотото „сите за еден“ т.е. за себе, земјата е неинтегрирана/поделена и необезбедена, во земјата никој не го држи зборот за она што го кажал и ветил, Аеродром, Битола, и ред други општини не заслужуваат ништо подобро, за себе и партијата, а не за Скопје (или кој друг и да е град), разделени во (борба за) личните интереси, стара скопска приказна, против достоинството на Охрид….и така натаму ,во недоглед. Значи формулата е јасна, земи слоган или ветување, сврти го на обратното и ќе дознаеш како било, како е и како ќе биде.
Е овие атрибути ти се гарантирани како реални, а дали ќе бидат трансформирани во своите слоганистички варијанти останува крајно неизвесно. Праксата покажува најчесто, а некогаш и исклучиво, не.
Сѐ како во оригиналниот Бизаро свет.