Добро покрај признанието дека ја имам читано „комуњарската“ книга „Ne okreći se sine“ на мали години, што друго сака да каже насловов? Сака да му каже риспект на Обама. Искрено, кој си за служил треба да се пофали. А бидејќи уште никој не спомнал, ете ме мене да напишам нешто токму за тоа.

Може ли некој да ти направи поголема беља у држава од Џорџ Дуплове? Па тоа некое дериште да оставиш по дома нема толку да ја укака куќата, колку што Дуплове ја урниса единствената супер сила на планетава. Вака грубо кажано, за неговите осум години САД ко да проживеале едно пет-шеснаесет транзиции и приватизации по македонски урнек, така некако би му дошло.

И се најде маж (зад кој стои една жена) се номинираше, и почна да се обидува да ги реши проблемите. Да човекот се обидува, со сите свои знаења да спаси што може да се спаси и полека да ја врати земјата на нозе. Тоа е тоа, имаш беља, се нафаќаш и се обидуваш да решиш, најдобро што можеш. Јас уште не сум го видел Обама да оди по телевизии и по пресови да се жали, Буш бил оваков, Буш бил онаков, да плаче, да цимоли, да се вади на претходниците, да каже дека „он за жал не може ништо да стори“, да ги праќа обесправените во Републиканската партија и сличито.Напротив, уште немам чуено дека го спомнал самото име на неговиот претходник. Јок бе, ма ич.

Ех, да беше Обама по потекло од древна и библиска Македонија, а не од бедната Кенија, како ли ќе изгледаа неговите говори и настапи, негиовиот модус операнди во сета оваа фрка? Веројатно некако вака:

„Драги Американци, јас ја добив вашата голема подршка, но за жал морам да ви кажам дека овој Дуплове парче ја направи земјата. Јас се обидувам најдобро што можам, но целата одговорност секако е кај Дуплове кој владееше со оваа земја осум, а со сѐ татко му цели 12 години, и ја опустоши земјата. Позицијата ја доби со врски, преу татко му, тешка републиканчина, па преку манипулации и изборни нерегуларности низ селата по Флорида, каде со нечесни игри ги доби гласовите, неправедно стана прецедник. Набавките за тенковите во Ирак, зделките со Халибартон, аферите со кредитите, и така натаму, долга е низата, се негова лична одговорност. Откако неговите послушници и неговата тајфа предводена од Дик Чејни ги намести сите можни тендери, останува само да ви кажеме дека, јас за ништо не сум виновен, кога ќе немате струја по три дена дома, сетете се на Дуплове“.

Е вакво нешто еден Американец, може да слушне само на сон, кошмарен секако. А тој кошмарен сон, е нашата „реалност“, па ти види дали и како ќе се справиш со неа.