7 Jan 2009
Ех, да беше Питер Џозеф од тука, што ли ќе ни кажеше?
Author: sead93 | Filed under: UncategorizedАко земеш и ги изгледаш филмовите „Zeitgeist“ и „Zeitgeist Addendum“ на Питер Џозеф (Peter Joseph), и сите можни интервјуа (1, 2, 3), па се обидеш некако да ги интерпретираш низ призма на нашето лично и колективно, сегашно и минато, искуство, што ќе се добие? Еве неколку можни видувања: 
- Поделеноста како системска категорија: (може да биде секаква, политичка, религиозна, етничка, економска и сл). Кога ќе отидеш на Википедија и ќe погледнеш под „подели па владеј“ првиот пример што ќе го најдеш е Македонија. Верувале или не, така е и денес. Поделеноста на милион начини, на илјадници нивоа овде е сѐ уште така изразена да е тоа просто неверојатно. Веројатно имаме поделби пер капита за Гинис. Нагласувањето на различностите за сметка на сличностите и општите вредности е основен начин за генерирање на поделби кои водат кон контрола над оние кои се поделени. Која е крајната смисла на еден наметнат и тотално смешен спор за името со Грција, партискиот дуализам и поделеност во Македонија, поделбите на етничка основа, поделбите на верска основа, но и поделбите во самите верски заедници (српска и македонска црква, црногорска и српска црква, вахабисти и фундаменталисти и сл), ако не е поделба како методика на полесна контрола и на земјата и на регионот. Поделбата како екстремна форма на различноста која ја уништува свеста дека имаме подеднакво ако не и повеќе заеднички особености врз кои треба да се изгради сосема поинаков систем на вредности, не заради системот, туку затоа што ќе ни овозможи подобар живот на сите. И секој ден имаш некој нов образец и боцкање за поделби, дали е тоа некоја нова прес конференција на партиите, дали е тоа тема за хомосексуализам за или против, состојбата во Северно Косово и така натаму. И имаш серија на „професионалци“ кои имаат за цел само да ја одржуваат омразата и поделеноста (Ѓорѓије ли е, Латасије ли е,…), само да се одржува „крвната одмазда во политиката“ во Македонија, како доминантен систем за внетрешна само-организација. Некои избори си гласал да ги тргнеш Бучко и Рада од фотелја, пред тоа да го тргнеш Љубчо, пред тоа да го тргнеш Бранко, и така редум, нема крај…Во суштина го одржуваш со својот глас истиот политички дуален систем, кој те манипулира преку илузија дека влијаеш нешто. Тоа ти е исто како патниците во градски автобус пред да тргнат го бираат шоферот преку гласање. Него ќе го изгласаат, но дестинацијата секогаш останува иста, а токму таа е проблемот на кој сите се жалиме. Ама види не, ние не се фокусираме на дестинацијата каде нѐ возат, туку на шоферот. Класична манипулација со дефокусирање од вистинските причини за нашите проблеми. Поделеноста како на локално, така и на глобално ниво (Америка-остаток од светот, Муслимани-Евреи-Христијани, верници-атеисти, хомо-хетеро, и сл.) го одржува системот од кој на сите ни е преку глава.
- Монетаризмот: На многу места во документарциве Џозеф го спомнува зборот „монетаризам“ како крајно арбитрарен (произволен) финансиски систем кој е тотално застарен, но успева да се репродуцира иако е извор на речиси сите светски проблеми (глад, сиромаштија, алчност, корупција, војни). Луѓето обично не ги интересира како функционира монетарниот систем и е премногу комплициран за повеќето од нас да го сфатиме, што секако е основна стратегија на оние кои имаат полза од овој систем. Ако не го разбираш, нема да можеш ни да го критикуваш, а камоли пак смениш. Каде повеќе да почувствуваш крајни негативности од монетарниот систем ако не во маргиналниве општества како нашево. Сѐ е преводливо во пари, и решение за сѐ се парите. Со тоа се поставува во вид на неизбежна норма една крајно сурова игра чии правила сите нѐ дехуманизираат. Сѐ се сведува на пари кои треба да ги спечалиш, по секоја цена, само за да преживееш и да платиш сметки за ресурсите кои некој си ги присвоил (вода, струја, храна). Во Македонија со просечна плата од петшеснаесет илјади треба душата да му ја продадеш на џаолот за да заработиш стан од 40,000 евра за да живееш самостојно. АКо родителите не ти го подарат или немаш велепосед некаде надвор (а 90% се такви) што ти преостанува друго? Да земеш и да молиш за кредит и да користиш нешто цел живот што не е твое, и што по 2-3 неплатени рати некој сосема легално ќе ти го земе. Друга димензија е бесмисленоста на националните валути. Кога последен пат сте успеале да смените денари надвор од Македонија? Во суштина нема некоја разлика помеѓу боновите на Ѕинго и денарот (да не ме разбере некој погрешно, исто важи и за динарот, куната, конвертибилната марка, и слично), едните ти важат само во Кратово, другите во Македонија. Националните валути опстојуваат само за да ја одржат илузијата дека има национални економии, што де факто не постои. Имаш компании во Макеоднија кои својот профит го носат надвор, успешни „домашни“ фирми кои ги продаваат своите производи надвор и од таму црпат девизи, и затворениот систем на преживување за кој употребуваме денари. Денарот на крајот на краиштата ќе биде укинат, па зошто не го смениме што поскоро за да ја прилагодиме економијата? Тоа нема да се случи за да не падне целиот систем кој го држи тој, а кој е кула од карти: дека економијата е назависна и внатрешно регулирана, дека владите се суверени и самостојно решаваат, и слично.
- Природа и ресурси: Човечката цивилизација е толку опседната со себе, што забораваме на природните работи кои некој заради некоја идеологија ни ги одземал. Еве да речеме слобода на движење. Лесно е да се заборави дека пред едно 100 години си можел да одиш до Цариград само на едно магаре. Никој не те прашувал дали ти е регистрирано магарето, дали е вакцинирано и слично. Денес мораш да платиш карта, виза, патарини, треба некој да ти дозволи да одиш (ако си со возило да е регистрирано, технички исправно, башка зелен картон, па меѓународна возачка?, па да не ти се налути цариникот нешто, да имаш оправдание и дозвола да влезеш негде и т.н.). Цел еден сложен систем за контрола на движење доведен до тој степен што нема слобода на движење. Или ете пак пред 100 години нашите прадедовци немале струја, но немале сметки за вода, водата од својата околина ја користеле колку им требало. Слично и со дрвата за греење. Денес имаш цел систем за водоводно снабдување, и во ред е да платиш за услугата да ти ја доведат водата до твојот стан, но не и со тој систем да управува некој за да добива профит. Кој му ја дал водата нему? Државата, царот? Водата ни припаѓа на сите нас. Лесно забораваме дека водата, нафтата, струјата (произлезена од водата) ни припаѓа на сите нас. Тие треба да им бидат достапни на сите подеднакво насекаде, тие се произлезени од богатствата на планетата на која живееме и никој нема право да ги оттуѓува од нас. Ако веќе се плаќа данок во тој данок треба да бидат вклучени овие општоцивилизациски придобивки (вода, струја греење), а не крпењето на улиците еднаш пред избори. Смешно. Сме се напикале по градови како да не можеме да преживееме надвор од нив и мора да играме по правилата на монетаризмотот и пристапот до ресурсите на начин кој нѐ угнетува и обесчовечува. Домашните ресурси (храна, руда, радио-фреквенции, и сл.) се продаваат на посредници кои ни ги наплаќаат над нашиот стандард („европски цени“ на домашни плати).
- Судско-образовен систем: Поенатата на институцијата затвор е да ги отстрани од јавниот живот оние кои ги прекршиле правилата на истиот. Тој не им дава шанса да се сменат или превоспитаат, тој само ги отстранува од останатите. Значи нема некоја разлика помеѓу затвор и лудница, со тоа што од затвор те пуштаат без некој да се провери дали си навистина нормален. Додека за некој кој извршил убиство и добил доживотен затвор, отстранувањето има поента, но каква е смислата на затворски казни до 2, 3, 5, 10 години кога системот не прави ништо за откривање и отстранување на причините на криминалот за кој се осудени со тие казни? Тоа е таква глупост како да имате поплава во станот и наместо да ја затворите чешмата или вентилот кој тече вие само со кофи ја изнесувате истата. Сѐ тоа само на општествено ниво, затскриено со вештачки привид на контрола. Образовниот систем на Запад има функција да ве подготви за пазарот на труд, но не и да ви даде основа за лична надградба. Тоа е на ваша индивидуална одговорност. Ако сакаш да се надградуваш со среќа, школото ти е само еден сериски тест на заокружување кое треба да верфицира дека можеш да работиш некоја механизирана работа која не може да ја замени машина. Кај нас владееше, и донекаде сѐ уште е на сила системот на образовни вредности од Хегеловски тип (кој е подоцна преземен од соц-реалистичкиот образовен систем) по кој секоја единка треба да биде изградена за да го разбира духот на времето (Genius seculi, Zeitgeist) и поднебјето (Volkgeist) во кое живее низ историска смисла (за да се сконта историската дијалектика на процесите, пак по Хегел). Тој систем уште некако се држи, но постапно се воведува системот на тестови, па кај и да е ќе биде целосно сменет, со сите свои последици. И двата системи се погрешни секој на свој начин. Едниот те инхибира, другиот те распливнува, првиот те условува кон игнорантност, другиот те прави неспособен да акумулираш корисно знаење.
Тоа се само некои од идеите на Џозеф, применети на домашно тло, за другите некој друг пат. За сите овие надминати системи, според Џозеф, а и според секој здраворазумски обдарен човек, има алтернативи, само е потребна постапна, но коренита, реформа на глобално ниво.
January 7th, 2009 at 11:44 am
Како што истакнаа визионерите на ова генијално дело, проблемот денес било што сме немале луѓе што ем знаат многу, ем се образовани во многу области.
Види богати, јас се си мислев дека проблемот е што немаме некој Шех баба што знае СЕ, па тој да каже што и како треба.
Јас кога би бил некој од тие “газдите на светот” кој се спомнати во филмот, широкоградо би финансирал вакви decoys.
January 8th, 2009 at 2:18 am
Филмовите и The Venus Project се ОК, комунизмот нема алтернатива, Маркс рулз.
Во постов намерно или не ама го идеализираш „пусто турско“; на магаре до Цариград без проблеми?!?
Си чул за дервенџии („чувари“ на клисури)? Мислиш дека преоѓање преку мост било бесплатно? Мислиш дека немало патарини?
А тек рушвет?
А за хајдуци, како каурски така и арнаутски да не збориме… Нема да си знаел дали е поисплатливо тие да те пљачкосаат или аскерот да те рекетира. Ако си бил каурин и си немал баш избор бидејќи како граѓанин од втор ред не си имал право да носиш оружје.
Уште и кога ќе ти се накалемат „патриотите“ од „организацијата“ да дадеш „доброволен прилог“ за „борбата“ ќе зажалиш што си се родил… Ако баш немаш среќа ќе налеташ и на други „патриоти“ од други милети (народи-вери)…
А магарето дека ти било нерегистрирано (не си (пре)платил за него) тоа тешко…
И дека за водата од река не си плаќал тоа на друг да кажуваш… абе Османлиите имале данок на сВе, дури и на посадени моркови во твојата бавча!
Читни троа некој турски дефтер (ги преведени од османотурски).
За судскиот систем само ќе спомнам народнана „кадија те тужи, кадија те суди“.
За данок во крв треба ли да збориме?
За опнување натртени каурки (а и по некој каурин) што жнеат по ниви од страна на бегот или агата што буквално располагал со нивните животи треба ли да збориме?
Слобода на движење?!? Молам!??
Селаните оделе заедно со земјата - поседот (тимар, чифлик, вакуф итн.), тие имале статус на стока и не можеле без дозвола ни да прднат, а камоли да се шетаат кај ќе им текне.
Повеќето поделби (религиски, народносни и јазични) на Балканов се производ на отоманската окупација, треба ли примери? Босна и Херцеговина? Косово и Метохија? Санџак(Рашка)? Македонија? Од ист народ едни станале робови а другите господари, во зависност од тоа дали некој ја прифатил новата вера или не. Проучи го и милетскиот (народносно-верски) систем па ќе видиш од каде денес толку нации и цркви на волку мало парче земја. Кој ќе дадел повеќе рушвет отворал свои школи и перел мозок на малите каурчиња. Типичен пример е егзархијата.
Не ме сфаќај погрешно, идејава на постов ти е в ред, ама она со „пред сто години“ ти е утка, Османлискиот систем е парадигма за поделби, експлоатација и корумпираност.
January 8th, 2009 at 2:53 am
@Zmejko: Фала за коментарот и што го следиш блогов
Бездруго не го идеализирам турското
секако овие историски факти ми се познати, сосема си во право, но поентата е во тоа дека никој системски не те контролирал на индивидуално ниво, тоа е идејата, и не ти ја одземал слободата. Со други зборови контролата на државнито апарат не била насочена во таа смисла да ти одзема некои природни права на поединечно ниво. Примерот со овој систем е речиси случаен, можеш да земеш на пример и Хабсбуршка монархија во Хрватска во 18-ти век, слична би била пораката. Во секој случај фала за мислењето, поздрав.
@ Јеничар: Фала ти за опсежниот коментар и муабет