Archive for January, 2009

И ти си шмизла!

Добро бре до кога ова жениве ќе трпат вакви псевдо-саркастични џоа-уметнички постмодернистички иронично-саркастични тортури и груби нарушувања на нивниот углед и хегеловски кажано својот Weltanschauung ?

Зарем една Роза Луксембург ќе го истрпеше ова потсмевање и кикотење на сметка на женскиот углед, чест и право на избор како да си живее? Не, другарке моја, не, Роза ќе станеше и ќе направеше шопска салата од скулптурата преднеќни истакната на скопските улици. Зарем Ибе Паликуќа ќе молчеше и ќе седеше дома додека Шмизла стои немушто во твојот град? О не, не, не, другарке драга, Ибе ќе станеше, ќе ѝ фрлеше една бомбица пеејќи ја патем „Млада партизанка“ и ќе ја спалеше шмизлата да не остане од неа ни шм.

Прво морав да ги бранам дрољите, сега шмизлите, и што е следно? Се надевам никому нема да му текне да ги закача спонзорушите, кучките и ороспиите, е тоа веќе би било отворена војна. Им викам јас, оставете ги луѓето, макар биле и жени, намира, сѐ е тоа дел од деликатниот баланс на локалната еко-култура, ако исчезне еден вид, тоа со себе, по принцип на „Butterfly effect“, ќе направи ненадоместливи штети на општественото живеење.

Мислам крајно лицемерно е (као) да се грижам за заштита на некои видови таму од типот на поларната мечка и китовите на Пацификот, кои у живот ни здраво не ми кажале, а тука да се работи за „бити или не бити“ на градските видови од женскиот кампус, а ја да молчам? Е нема! Значи мојот повик на отпор е пред сѐ со еколошки бекграунд, да не кажам заднина. Богатството на видовите треба да се очува,а градскиот шмек и сјај без шмизлите, па тоа би бил како Холивуд без Анџелина Џоли, како Цекају без Милка Планинц, како Шер и Боно, ама без Шер, е така…Па самиот термин „урбано“ без нив ќе доживее неповратни штети, и материјални и духовни. Да ги сочуваме шмизлите драго мои.

И ми вика една пријатељица, цитишем, „Ако, ако, така им треба на шмизлите, па кој ги сака нив, нека ги стават на столб на срамот“, А ја ѝ викам, „Како мојш да бииш така наивна, зар не глејш што е циљот на овије оркестрирани наапди врз жените? Па тоа ти е класична, раздели-па владеј тактика на подредување на женската популација! Ќе ве поделат и ќе ве завладеат мужите, како сакаат! Сега е мигот, за обединување, гушни-си-ја сестрата шмизла и кажете здружно едно историско НЕ на ваквите поделби и кажете повијесно ДА за вистинскиот отпор! Слободата ја има само таму каде што има спремни моми да се борат за неа, никој не ти дава слободи туку, така. Ај ој у трафика побарај кутија цигари, туку така? Нацки шо ќе ти даат!“.

Сакам да ги видам еколошките здруженија, кога на Сафка-СОЖМ не ѝ текнува да стане и повика на отпор, да се зберат и да му стават точка на ова лудило, на ова пресија и агресија врз нашите сограѓанки, од која може само штети да произлезат и ама баш ништо корисно.

Сега не знам колку ѝ е познато на поширокава ни јавност, ама самиот поим „шмизла“ води потекло од францускиот јазик и француските дворои, па како резултат на ова непромислено поставување скулптури може од францускиот братски народ ова да биде протолкувано како провокација и крадење на културното наследство, па со сѐ Караманлис да ни се накачи врз најадениот, напатениот, страдалничко угнетуван грб и оној спонзорон на Карла Бруни, и да си имаме еден фин меѓудржавен судир, па да си ги дуплираме противниците за ЕУ, Шенген, НАТО, и другите атракции од Евроатлантскиот забавен луна парк.

И стварно, мислам, со кој ум, од толку културни работи од Франција ние најдовме да им презимаме  шмизли? Наместо да преземеме еден Русо, Монтењ, Молиер, Ален Делон, Сартр, Моне, Зидан и сличито, ние сме се фатиле за шмизли? Стварно сме за никаде.

Некои импликации на поимот ПЈРМ vis-a-vis БЈРМ a propos FYRoM

Сведоци сме дека англискиот „Former“, со значење „претходен“ (preceding in order of time, Merriam Webster Dictionary) во официјалниот ОН-термин „Former Yugoslav Republic of Macedonia на македонски се приопштува на (барем) два начина: (а) бивша, (б) поранешна, но никогаш како „претходен“. Следствено, две кратенки, БЈРМ и ПЈРМ. Преводот под (а) е поброен, статистистички ориентирана попатна забелешка. Дали е тоа под влијание на српскиот, хрватскиот, словенечкиот, босанскиот, целосно унисонен превод (bivša) останува да се направи некаква социо-лингвистичка студија. Во овие јазици за англиското „former прва опција за превод е „бивш“, кој се наметнува како хиперним (збор кој опфаќа повеќе или надвладува за некое значење) и за двете значења (бивш и претходен). На пример види „moj bivši muž. Сега кога некоја фина дама од овие лингвистички заедници ќе каже „moj bivši muž“, тоа може да значи или е (1) бивш (починал), или е (2) претходен (ако се премажила, значи маж пред сегашниот) или е (3) поранешен (се развела, порани бил повеќе не е, т.е. тој е жив, но таа не се премажила, затоа што нема по него друг не може да биде претходен).

Зборот „бивш-а“ е во зборообразувачка врска со зборот „бить“ (старосл. „да биде, е“) во својата изведена имперфектна (несвршена) форма „бив-“ (види на пример израз „бива“) и старосл. наставка „-сь“ („с“ + мек јор дало „ш“) која значи отсуство на она на што е налепена наставката, односно на коренската основа на зборот. Ако „бить“ значи “е’ или „постои“ тогаш значењето на зборот „бивш“ е „непостоечки“ или „она што веќе не е“. Зборот „поранешна“ е придавка изведена од временскиот прилог „порано“ со јасно значење, нешто што било или се случило во претходен временски исечок. Разликата е навидум мала, но изворното значење на „бивш“ и „поранешен“ е огромна. Едното е во семантичко поле на „непостоење“, а другото на „поранешен“ како временско лоцирање на одреден ентитет на временска оска („претходен“ е лоцирање на просторна линеарна оска). Мој впечаток е дека некако махинално и несвесно доминира преводот „бивша“, иако тој во контекст на македонскиот семантички систем е крајно погрешен

Затоа кога ќе се каже БЈРМ, тоа ти е како да кажеш непостоечка република, или непостоечка Македонија (не дај Боже мртва), додека Поранешна република му доаѓа некако како Разведена република која уште не се премажила (не се знае што е, затоа што по периодот на југословенска република не се потврдила како нешто друго).

Сума сумарум препоракава по овој наречи-го лингвистички рендгенски преглед е да се користи ПЈРМ како кратенка од најправилното „Претходна (претходно) југословенска република Македонија“. Сѐ друго му доаѓа како некаква инкантација на исчезнување или зомбифицирање на неодредениот статус на оваа убава земја, со надеж дека оваа бесмилсица од кратенка што поскоро ќе стане бивша, во најморбидната смисла.