Општа балканизација на ЕУ
Она што им се случува на Хрватите визави Словенците а пропо ЕУ
е еден од појасните лакумсовски индикатори дека и Словенците се Балканци, нема друго. Како и Грците впрочем. Да му цркне козата на комшијата, или ќе попушти како јас сакам или нека цркне од мака.
Не, нема тука европски манири, „бујрум влезете, па ќе се договориме, луѓе сме“. О не, попушти инаку ти ја сокршив кичмата, тоа е модус операнди на тазе членките на ЕУ кога треба да влезат оние што троа задоцниле со транзицијата.И сега ми е криво што доцниме, не затоа што не сме во ЕУ, туку што ќе си имаме работа со соседиве. Ај кога не испљачкосаа низ транзицијава, барем тоа да го направија брзо и ефикасно. Но не, не, морало тоа полека да се пљачка, со лезет, на тенане. И сега оди расправај се ти со комшииве.
И сега ова ти е буквално типична балканска работа: се развива ноторниот балкански инает во самите ЕУ инситуции (по принципот, change the system from within) , а европските вредности се маргинализираат. Па ќе имаш потоа цикличен процес, и оние кои одвај влегле со вакви сопки, утре кога ќе треба да „одобруваат“ за нови членки ќе си речат: „Е да бе туку така сакате да влезете, чекај чекај да видиме што би можеле вие да ни попуштите и што не нервира кај вас?“. Осеќам дека ќе мора на хрвативе да им потпишеме дека не смееме никогаш повеќе да ги тепаме во ракомет.
И така, и се мислам кого ние утре ќе може вака „легитимно“ да уценуваме за влез во ЕУ? Можеби листата не е долга, ама сепак од принципиелна гледна точка, одговорните треба на време да подготват „Стратегија за блокирање на нови членки во ЕУ и НАТО“. Да, ете така, да не бидеме ние ко паднати од Марс, треба да се мисли на време. Море и една агенција за блокирање, нема да биде лошо.
