Чест дел од нашите градски муабети е сељаштвото. Нашата фасцинација и фрустрација, о која контрадикција, од сѐприсутноста на ниската култура или поточно некултурата во нашава средина е едно од најендемичните чувства кој еден примерен сограѓанин може да ги доживее во Македонија.

Сите се расфрламе и често сме ангажирани со констатирање и верификација на феноменот сељаштво, па еве само последнава недела јас лично констатирав околу 50-тина случаи на пројави на разноразни типови и поттипови на сељаштвото. Верувам дека повеќето од нас, зависно од денот и степенот на активност, како и интензитет на движење, се горе-долу на иста линија по бројот на блиски средби со овој урбан феномен. Сељакот нема потреба од некоја строга научна дефиниција, него или неа  интуитивно ги препознаваш и доживуваш.

Кои се корените на сељаштвото во МК?

Постојат две главни генеолошки јадра на овој феномен кај нас: едната е миграцијата село-град, другата е процес на затупување во урбана средина, или т.н. автогенеза на сељаштвото.

Во првиот случај имаме ситуација на колизија на обичаите и вредносниот систем од една средина во друга. Се работи за процес на не-адаптација на видовите, вака Дарвинистички кажано. Во другиот имаш самовиреење на овој феномен, или автентична некултура изникната на градска почва. Бројни се факторите во овој процес на автогенерирање на сељачката некултура, а како главни фактори можат да се наведат: генетика, медиуми, комшилок, семејни компликации, и слично.

Она што е специфично и за двата поттипа секако е дефицитот од социјална интелигенција. Тоа е нешто како разбирање на другиот и човечка способност да го видиш светот и од поинаква перспектива од твојата лична, и секако да се грижиш во одредена конвенционална смисла за другите околу себе. Е тоа е ти е НЗС на сељаштвто, кој веројатно само со засилен увоз може да се регулира. Вака останува кризата со дотур на социјална интелигенција во домашни услови да се регулира што поскоро, инаку дебалансот може да предизвика вистинска експанзија на сељачките вредности.

Во историско-дијахрониска смисла се смета дека една од првите пројави на сељаштвото на овие простори е ликот на Црна Арапина. Тој ти е една од вертикалите на сељаштвото на овие простори од кои јас се фасцинирав утше во основно одделение. Кутриот Крали Марко од него немаше мира, толку сељаков Арапина аздисуеше што мораше Марчи само со топанот да го смирува. Денес тоа не е возможно, баш штета.

Мора да се признае дека сељаштвото е како пиреј, можеш да го корнеш, да го газиш, ама некако успева да преживее и да опстои како некултура. Затоа е мошне важно, ако сакаш да го разбереш и разградиш од внатре, пред сѐ да го запознаеш сељакот во себе, и потоа, збогатен со оваа будистичка методика да тргнеш по долгиот пат на борба со оваа појава.