Мислам дека ако сакате да бидете чесен родител и на своето дете да му дадете фер шанса да го разбира животот во чиста форма и да биде единка која ќе води здрав промислен и исполнет живот, треба да му ја кажете вистината за Дедо Мраз. Не постои Дедо Мраз таков каков што децата мислат дека има или таков каков што родителите им го „продаваат“. Нема, тоа е, не ги лажете децата затоа што тоа не е „бела лага“, туку родителска грешка со сериозни последици во нивниот понатамошен живот.

Кои се сѐ злоупотребите на Дедо Мраз?

Прво, родителите преку Дедо Мраз го субституираат недостатокот на сопствено внимание кон децата. Тоа во западниот свет е поистакнато, но полека ќе ентропира и кај нас. Добрината на Дедо Мраз кој носи подароци е некој вид критично дополнение или целосна замена на вистинската родителска грижа. Родители, Дедо Мраз како тенденциозен симбол за добрината на луѓето не врши работа, не озбилно ви викам, замислете се малку, колку е нашиот свет подобар отако го смисливме Дедо Мраз? Приказната за Дедо Мраз не е како онаа за Бамби која ги учи децата дека природата и животните се прекрасни и дека треба да се грижиме за нив. Приказната за Дедо мраз не прави тешки потрошшувачи и нѐ отуѓува од нашите блиски, татковци, макји, баби, дедовци… 

Второ, мислам дека вистинските дедовци треба да оформат свое здружение (или синдикат, ама да не бидат со Ванчо Муратовски, тоа никако), и да се бунтуваат против овие маскирани неранимајковци кои ни ги лажат децата. Наместо искрената љубов без фенси кул подароци на баба и дедо, која е вистинската радост што можете да им ја приредите на децата кои ги сакате, ги имате овие багабонти кои ви бараат пари за да се сликате со нив. Знам дека дедовците се презафатени со играње шах и бистрење политика, но крајно време е сега да преземат чекори за враќање на својот углед и природната улога во детствата на нашите дечиња. Добро, не мора тоа да биде како револуцијата во Грција, ама да се преземе нешто, крајно време е.

Трето, задоени со вакви ранодетски симулакруми, подоцна се комплицира нашата способност да проѕираме низ манипулациите кои безбели ќе ни ги приредува кој и да е на власт, економска, политичка, секаква. Па ќе ти треба читање на едно 120 до 150 книги (од Чомски, до Жижек) за да сфатиш дека НВО-ата не се Легии на Дедо мраз кои нудат „подароци“ наоколу, туку се или перални за капиталот што циркулира на „маргините“ на слободниот пазар и кој треба да се „ресоцијализира“, дека кампањите на естаблишментите се дозволен проток на јавни финансиски средства за легализирано корумпирање на медиумите и ПР секторите. Стварно, подобро да не се мачите со Чомски и Жижек, едноставно баталете го Дедо мраз. Башка и поефтино е, мене книгите само на овие двајца ме чинеа стотици евра, минимунГ.

Одам сега на плоштад и да им ја соопштам грубава, но здрава како вакцина против вируси, вистина на едно 70-тина деца. Дедо Мразовци хирајкам, вардете си ги лажните бради!