Македонија Република Скопје?
Jan 3rd
На последниот ден од минатата година во неколку домашни медиуми осамна речиси идентичен наслов ‘TV 5 Monde ја преименува нашата држава во Македонија – Република Скопје!’.
Веста беше пренесена од друг медиум (порталот на албански јазик Едиторијал), што е еден од најкористените рецепти на домашните медиуми, „преземање“ вести од други медиуми, без проверка на ифнромациите.

За познавачите на правилата за „листинг“ на земјите, некои од правилата кои важат во англо-франкофонските говорни подрачја и кои вообичаено се практикуваат во вакви пригоди (името на земјата, па додавките во пост позиција) , секако очигледно е каква „турлитава“ се случила овде. Името на земјата е наведено во иста линија, а под неа стои име на градот за кој важи временската прогноза. Во суштина сајтот на медиум кој де факто не ословува под уставно име е обвинет за нешто непостоечко. Читателите на овие медиуми брзо сигнализираа за каква журналистичка лакрдија станува збор, па за среќа немаше некакви дипломатски последици од овој комичен, а во суштина тажен ;( „псевдо-настан“.
Грешки секако се случуваат, но елементарната неписменост, непрофесионално работење, наклонетоста кон скандализирање на информации и ароганцијата се секако најпроблематични.
Критичката свест, стручната наобразба, како и задолжителното проверување на информациите се покажаа, пред сé низ низа примери на пласирани „лажни“ или шеговити вести, како една од послабите страни на нашите медиуми, дури и за оние кои се уважуваат себе си како „најгледани“ и „најчитани“. Освен „Плус инфо“ кој објави корекција на информацијата, ниту еден од медиумите не собра сили да ја признае грешката и да објави исправка (спротивно на член 3 од Кодексот на ЗНМ), а камоли да се извини до своите гледачи/читатели/корисници.
Ако нашите медиуми ни се огледало кон светот, тогаш мора да се каже дека се работи за едно прилично искривено и матно огледало,а кризата на новинарството не е само од надворешен тип (во смисла на притисоци врз новинарите), туку е најмалку двострана. Нејзината внатрешна димензија, онаа внатре-новинарската, е круцијален дел од проблемот наречен сериозна криза на медиумите.
ТВ терапија
Nov 23rd
Признание: не гледам контактни тв програми замислени како некаков телевизиски форум и дебата, било да се утрински, попладневни или вечерни, било да се водителите владини, провладини или опозициски настроени. Гледав #umoevreme кога беше новитет, но не повеќе, жанрот се истроши, темите исто така, како и моето трпение да слушам неколку стеротипни приказни како се вртат постојано во етерот.
Нејсе, покрај моето лично небендисуење на ваквите програми, истите сепак ниту ги исцрпуваат темите, ниту пак гледачите, кои како да се грабаат кој попрв ќе се јави да каже што му лежи на душа. Прашањето е ако ваквите тв контактни сеанси имаат минорен ефект и влијание врз јавните работи, зошто упорно се одржуваат во етерот?
Првата причина е политичка (политичкото е секогаш на прво место, нели?), која се сведува на потребата да се одржи во медиумите тој „народски дискурс“ на политичките сили кои дрмаат во Македонија. Јазикот на политиката кој ќе го сретнете во вестите, весниците, изјавите и слично е еден тип на „политички јазик“ (во стручната литература се користи и терминот „функционален стил“), додека „преведениот“ јазик и стил, политиката спуштена на чаршиско ниво, ќе го сретнете токму во овие медиумски програми. Ефектот кој го има учењето и соживувањето со ваквиот приод (ала Politics for Dummies) е пресериозен за мала земја и општество од наш „комбиниран тип“.
Втората и не помалку важна функција е психотерапевтската. Контактните тв емисии од типот Здраво Македонијо, Бумбар, Бурек, Тука и овде, и други, се ефтина психо-терапија за публиката (ако се иземе телефонскиот трошок, тогаш и бесплатна). Улогата на психијатарот, да речеме во Америка , и потребата да ве ислуша некој околу вашите лични преокупации, овде ја презема телевизорот и водителот на самата емисија. Овде вие говорите, тој слуша, главно уважува (со варијации и осцилации од страна на водителот кој може и да натега, притиска или сугерира, зависи од самата емисија) давајќи ви чувство дека вашата реч, прифатена или не, сепак одекнала во етерот, а со тоа и во јавноста. Психотерапија за ич пари!
Разликата е само во тоа што Американците се фокусирани на своите индивидуални, материјални, сексуални и психолошки потреби, додека тоа кај нас сé е во аут, а сиот фокус е на политиката како единствена достојна преокупација за граѓаните. Јавното е изедначено со политика, нема јавна тема или прашање кое нема некаква реална или конспиративна политичка заднина.
Во таа смисла, ваквите „тв-форуми“ вешто ја залажуваат публиката дека се нивна можност јавноста да го чуе нивниот глас, да дадат придонес во дебатите за важни прашања или да најдат решение за некаква мака. Она што тие примарно го прават (сите останати ефекти се спорадични, случајни или колатерални) е одржување на културата на висока политизација за сметка на реален опиплив граѓански активизам или граѓанска посветеност во решавање различни проблеми.
Додека тие се така успешни, вербалното верглање за високата политика ќе биде директно спротивставено на слабиот граѓански активизам и практично учество во јавните работи. Идејата сега не е од екстремен тип дека се е тоа „џубре и треба да се укине“, и слично, ами да се посочи дека јаловата, успивачка, еднострана, псевдо-дебата работи контра својата идеја: општествено активен граѓанин кој држи до своето достоинство и интерес.
Ако имате некоја убава работа, во овој случај вредна демократска придобивка, па ја расипате целосно, тогаш немојте да барате од другите да молчат кога е очигледно дека нешто сте расипале и порекнувате дека е така.
Чуму протести
Jun 11th
Граѓанските протести против полициската бруталност кои се одвиваат во Скопје, а од петокот (10.6.2011) и во неколку други градови во Македонија (Битола, Струмица, Куманово, Кочани…) (следи овде), се значајна пресвртница за демократијата во Македонија. Секако, ова е прв пример за успешен ОНЛАЈН ГРАЃАНСКИ АКТИВИЗАМ во кој луѓето потпомогнати од социјалните мрежи се информираа, координираа и организираа настани и протести во кои гласно го искажаа својот став и отпор кон неправдата и девијациите на институциите. Побараа одговорност од оние кои затскриени зад величието на државата, институциите и системот, и кои надвор од секакво морално и законско право, применуваа сила, прикриваа, манипулираа и во крајна линија дрско лажеа за да ги задржат своите позиции на моќ и извори на материјална полза. Меѓу другото, се работи за глас против тоа државата да гради класа луѓе кои се над законот, особено против оние кои се служат со физичко насилство и злоупотреба на овластувањата. 
Исто така, ова е редок, ако не прв, пример граѓаните за одредена кауза да ги употребат своите легитимни права за ПРАКТИКУВАЊЕ НА ДИРЕКТНА ДЕМОКРАТИЈА. Во овој случај тоа беа протести, петиции и јасни барања за неодложно спроведување на правдата (се разбира, директната демократија има и редица други методи, види и повеќе). Директната демократија во независна Македонија е целосно отсутна и е потисната од „репрезентативната демократија“ (бираш некого на ден на избори и потоа 4 години си свиркаш) или пак најчесто беше политичко-партиски менаџирана (да не кажам манипулирана), како на пример во извесниот (?) референдум за името, референдумот за територијалната поделба од 2004 и така натаму. Протестите се потсетување дека за најважните вредности мора директно да се заложиме и да ги помрднеме задниците, работите не се менуваат сами од себе, а оние кои се прогласуваат за СПАСИТЕЛИ, лидери, водачи и слично, или се лажни, или се спасуваат и обезбедуваат самите себе си.
Партизацијата на општеството и неверојатниот раст на моќта на партиите во општеството, заради која земјата во голема мера драстично регресираше, значеше само едно: целосната моќ и „право“ да дебатираат и решаваат во општеството си ја приграпчија партиите. Тие успеаја, заради пасивноста и слабиот отпор на граѓанството, а силно потпомогнати од корумпираните медиуми, да развијат ПАРТИСКИ МОНОПОЛ ВРЗ ДЕМОКРАТИЈАТА и целосна надмоќ на репрезентативниот модел на демократија. Само партиите имаат право да решаваат и носат одлуки, секако секогаш во „името на граѓанинот“. А граѓанинот беше сведен на гласачка машина која без разлика за кого и да гласаше го репродуцираше истиот систем: ПАРТИЗИРАНА ДРЖАВА во која граѓанинот е граѓанин еден ден во четири години, а потоа истиот се прешалтува во понизен плаќач на данок, подреден административец, немоќен пензионер, очаен студент без работа и слично.
На партиите им остануваше да прават циркус од демократијата, со своите катадневни расправии за „демократијата, правдата и вистината“, а всушност во препирките и гунгулата која ја правеа само ги забошотуваа вистинските прашања, симулираа нивно дебатирање, го одложуваа решавањето на проблемите (овој бил крив, оној бил крив, овие биле кочничари и сл.) и во основа го одржуваа истиот систем: СЕРИСКИ ЕДНОПАРТИСКИ СИСТЕМ, во кој ЕДЕН ЦЕНТАР НА МОЌ ПРАВИ ШТО САКА. Се додека не го смени друг центар на моќ кој „легитимно“ го презема правото исто да прави што сака.
Овие протести го разобличија тоа и стана јасно дека на Македонија повеќе од каква било промена на власт и треба промена на моделот на практикување на власта. Процесот на напуштање на партискиот монопол врз демократијата (подржан од корумпирани медиуми, инструментализирани НВОа, платени институти и интелектуалци, псевдо-експерти и др.) е неодложен. Се разбира, таа промена и давање „столче“ за граѓанинот во одлучувањето КАКО а не КОЈ владее нема да биде лесно, но тоа е право кое ни припаѓа и од кое граѓанинот не смее да се откаже. Постоечката партиска демократија нужно е да се придвижи кон вистинска граѓанска демократија, тоа им го должиме на поколенијата кои доаѓаат и за кои немаме оправдание ако за таа работа сме потрошиле 30 години од независноста.
И така, по ДОЛГО, ДОЛГО ВРЕМЕ се случи за некоја важна работа во земјава покрај дежурните партии во јавност да излезе и третата страна: ГРАЃАНИТЕ! Колку ли беше тоа „Awkward Moment“! Во обид да го разбијат двоецот на уиграни ПИМПЛАЧИ НА ДЕМОКРАТИЈАТА, кои до бескрај се обвинуваат меѓусебно, а не прават ништо да се подобрат работите, беше доволно само да се појават и да стане јасно кој е тука кој! Беше така охрабрувачки да се видат од една страна младите кои знаат што сакаат, размислуваат со своја глава, стануваат да придонесат кон своето и кон заедничкото добро, а од друга страна претставници на партиите, бледи, немушти, марионетизирани лица со сервирани соопштенија и „апели“ срочени со цел да ги сочуваат од одговорност оние кои се ставиле себе си над законите и човечката правда, оние кои ги цицаат граѓаните во секоја смисла.
Оваа генерација млади себе си се дистанцираше и од оние наши повозрасни граѓани, кои кога и да ги прашаат што очекуваат од овие избори велат, малку работа за младите, да имаат егзистенција. Туф, туф…правото на работа да, но зарем тука демократијата завршува? Ваквата скастрена претстава за „демократијата“ е целосно погрешна! Зарем демократија е да добиете работа и да молчите на се друго што се случува во државата? Тоа го прават токму и таква „демократија“ живеат оние кои од партизираните органи на државата и добиле работата: примаат платичка и си молчат. Колку сме си побарале, толку партизираниот систем и ни дал: еве ви работа и молчете! А МОЛКОТ НЕ Е ДЕМОКРАТИЈА, молкот е тоталитаризам, молкот е едноумие кое нели се согласивме дека го напуштивме?
Демократијата е глас и постојана борба и активност, континуирана борба со мирни, правни, граѓански, демократски средства за правото, правдата за своето и општо добро. За колку демократија се избориш, толку и ќе добиеш, тоа е правило на секој „натпреварувачки плурален систем“, а демократијата е токму тоа, плурален систем и динамичен процес во кој мора да се заложите за своите права и добра. Ако не се заложиш ќе те истуткаат и ќе те погазат затоа што ти прв самиот себе си се погазил со непочитувањето на своето достоинство и напуштањето на своите права.
(English translation of the text available at the following link http://shorttext.com/zsup7qbaxp5).
Услужност
Oct 21st
Одам сабајлево да земам нешто за јадење од ближното кафуле што продава и некој поскромен асортиман тестенини. Застанувам и чекам: две госпоѓици зад каса, едната услужува други гости пред мене, втората нешто се нечка и околиши околу касата. Првата ме прашува што сакам, јас викам кифла со кашкавал, а она ми одговара: „Извини само што завршија…ОК, велам, јас, дајте ми тогаш…“, и оп од зад мене две муштеријки подаваат да платат што јаделе внатре во кафулето. Првава госпоѓица заради магнетизмот на парите се впушта да ги услужи нив пред мене, а јас останувам тет-а-тет со втората келнерка. Ме погледнува млако и пушта долу рака под каса и вади кифла, која претходно ја јадела, да си ја дојаде. И ме гледа. Хммм..ја гледам јас кифлата која си ја нарачав, а ја немаа, а она ја држи во рака. Ја јаде и ме гледа невино а смело.
Тука тенчам поглед ала Клинт Иствуд у „За шаку долара“ и чувствувам страшна потреба од музичка подлога од Мориконе. И дур се фасцинирам јас со неа, првава келнерка завршила работа со госпоѓите и и вели: „Ај те молам услужи го дечкото“. Спуштање кифла, бурекче велам јас, ми го подава немушто и си продолжува она со кифлата, а јас со бурекот во рака патот под нозе.
Не знам како некој друг би реагирал, ама јас кладов прст на чело и си велам: „Не се мурти, трпение, трпение, народ што бил 10 века под ропство не може да биде услужен, тоа е тоа..тука се работи за рецидив на непокорот, на слободарството…гордеј се со овие неуслужни луѓе!“. И така и би, си отидов со бурекот со зголемен патриотизам.
Морална дилема – 2 слики
May 25th
Слика 1: Стоиш пред сендвичарница, Ромче ти приоѓа и ти вели: „Чичко дај пет денара?“.
Слика 2: Гледаш телевизија, водителот се врти кон тебе и ти упатува апел за донација на 100 денари со повик на даден телефонски број за итна операција на наше мало сограѓанче некаде во белиот свет.
Што ќе направиш?
Во првиот случај останува на твојот морал и човечки суд што ќе направиш. Препораката на „експертите“ и социјалните работници е да не им се даваат пари на питачињата затоа што со тоа го храниш и репродуцираш системот на експлоатација на малите питачиња од страна на повозрасните кои ги тераат на питачење, и кои, конечно, на крај од денот им ги собирале парите.
Во вториот случај, јас би си зел за слобода, да кажам дека нема разлика: со донирање на 100 денари го храниш и репродуцираш системот кој ги експлоатира и заболените и хуманите и во кој „Големите“ здравствени институции (читај Здравствена индустрија) наплатуваат ненормално високи суми за своите услуги, а телефонските компании делкаат фини проценти од секоја донација (шифра ДДВ).
Кога, о да кога, кога ќе слушнеме дека некоја престижна установа хумано извршила бесплатно некоја операција и спасила живот?
Кога, о да кога, кога ќе слушнеме дека телефонска компанија се откажала од профитот на вакви донации и ги дала за болниот? О, да, ќе се појави информација дека донирале, во еден од 50 случаи, за некое дете, колку да го замаскираат својот нехуман профит во останатите 49 случаи.
Не велам дека човек не треба да биде хуман, туку само свесен во каков нездрав и експлоатирачки систем живее. Понекогаш се чувствувам како бебињата во оние капсули за црпење топлинска енергија во „Матрикс“ кои им даваат енергија на машините наречени компании, корпорации и државни апаратуси.
Зошто Фејсбук и КПЈ се исти?
Feb 13th
Facebook – social networking КПЈ – socialist networking
Ако не си зачленет на Фејсбук, никој си и ништо. Ако не си зачленет во КПЈ, никој си и ништо.
На Фејсбук сите ти се другари и другарки, иако не ги познаваш пола од нив. Во КПЈ сите ти се другари и другарки, иако не ги познаваш пола од нив.
На Фејзбук подржуваш акции и разни каузи, а не мораш да мрднеш со малото прсте. Во КПЈ членуваш во милион комисии, одбори и собранија, а не мораш да мрднеш со малото прсте.
На Фејзбук имаш Фармвил, во КПЈ имаш задруги и аграрна реформа.
На Фејзбук имаш „Like“, во КПЈ имаш „Живео друг….!!!“ или „Живела другарица…!!!“
Facebook – често ти ја нарушува приватноста, КПЈ – често ти ја нарушува приватноста.
Recent Comments